Од бели патики до розови разочарувања: Сè повеќе граѓани жртви на онлајн измами

Нарачав бели патики, ми стигнаа розови, фустанот на фотографијата беше долг, стигна во мини верзија и со големина како за девојче, кошулата е скината на рабовите. Вака изгледаат дел од поплаките на граѓаните кои купиле онлајн нешто на социјалните платформи, им било доставено од страна на поштенските служби, но кога реагирале до страницата од која купиле, едноставно биле блокирани. Никој не се јавил ниту на телефонскиот број што им бил оставен кога ја правеле нарачката. Производот ниту можеле да го заменат, ниту пак да го вратат, а останале и без парите што ги дале. Единствено место каде што можеле да ја пријават измамата е во Организацијата на потрошувачи на Македонија. Само лани на нивна адреса се стигнати 744 поплаки.

-Во однос на начинот на купување на производи и услуги се уште најголем е бројот на поплаки за купување на производи во деловните простории на трговците и тоа 1.234, но се зголемува и бројот на поплаки за онлајн купување на веб-страници, социјални мрежи и платформи за продажба или преку телефонска комуникација со оператори – вели Маријана Лончар – претседателка на Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Дигитален бум во купувањето

Онлајн трговијата во земјава доживува вистинска експанзија, трансформирајќи ги навиките на потрошувачите и начинот на кој компаниите функционираат. Од облека и електроника до козметика и спортска опрема, сè поголем дел од граѓаните се префрлаат на купување преку интернет. Но зад растот се крие и една помалку видлива страна – зголемен број измами и злоупотреби. Во последните неколку години, е-трговијата во земјава бележи континуиран раст од околу 15–16 проценти годишно, што ја става меѓу најдинамичните гранки во економијата. Вредноста на онлајн пазарот веќе се мери во стотици милиони евра, а бројот на граѓани кои купуваат преку интернет постојано расте. Македонските потрошувачи најчесто купуваат облека и обувки, кои се убедливо на врвот, електроника и мобилни уреди, козметика и производи за лична нега,
спортска опрема и додатоци.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Маријана Лончар-Велкова: Дневно имаме по четири-пет поплаки за купување преку „Фејсбук“

Причините за овој тренд се повеќеслојни. Зголемената употреба на интернет и паметни телефони, подобрените услуги за достава и поголемата доверба во електронските плаќања ја прават онлајн трговијата попривлечна од кога било. Сепак, и покрај напредокот, дел од граѓаните сè уште преферираат плаќање во готово при достава, што покажува дека довербата во дигиталните трансакции сè уште се гради.

Паралелно со растот на е-трговијата, се зголемува и бројот на случаи на онлајн измами. Експертите предупредуваат дека ова е очекуван тренд за пазари кои брзо се развиваат. Лончар вели дека најчести проблеми со кои се соочуваат купувачите се лажни онлајн продавници што наплатуваат, но не испорачуваат. Се доставуваат производи што не одговараат на описот или се фалсификати, има злоупотреба на платежни картички, а се почести се и измамнички реклами на социјалните мрежи со „неверојатни попусти“

– Особено ранливи се граѓаните кои купуваат од непроверени страници или преку социјални мрежи- вели Лончар.

Експертите велат дека онлајн купувањето во Македонија веќе е цврсто вкоренето и ќе продолжи да расте.

Србија лидер во е-трговијата на Балканот

Србија се издвојува како најголем пазар за е-трговија во регионот, благодарение на комбинација од помногубројно население, растечка дигитализација и зголемена доверба во онлајн плаќањата. Веднаш зад Србија, Хрватска важи за еден од најразвиените пазари за е-трговија на Балканот. Онлајн купувањето расте и во другите делови од регионот. Романија бележи најбрз раст, Бугарија постепено го зголемува уделот на е-трговијата, а Грција бележи значителен скок по пандемијата.
Македонија останува помал пазар, но со стабилен раст. Сè повеќе граѓани се одлучуваат за онлајн купување, особено од странски платформи, каде цените се пониски, а изборот поширок.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот