Обвинител на Судот за злосторства на ОВК: Отфрлете ги жалбите на Тачи и ко-обвинети за продолжување на притворот

Хашкиот трибунал за злосторствата на ОВК побара да бидат отфрлени жалбите на поранешниот командант на ОВК, Хашим Тачи и тројца ко-обвинети за злосторства во Косово и Албанија во периодот 1998-1999 година.

Тие се жалеа на одлуката на судијата да не ги ослободи привремено.

Во поднесоците до Апелацискиот совет објавени денес, на кои ќе одлучува по жалбите, главниот обвинител Џек Смит истакна дека бранителите не докажале дека судијата на претходна постапка Николас Гију не бил во право кога го продолжил притворот за Тачи и неговите соработници, обвинетите.

Покрај првообвинетиот Тачи, жалбите ги поднеле и Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи.

Одбивајќи го барањето на обвинетите да бидат ослободени до почетокот на судењето на 22 јануари, судијата Гију го прифати аргументот на Обвинителството дека постои ризик тие да избегаат, да влијаат врз сведоци, да го попречуваат судот или повторно да извршат кривични дела.

Адвокатите на одбраната тврдеа во жалбите дека судијата Гију погрешно ги протолкувал прописите и фактите и погрешно ги применил правните стандарди.

Како одговор на жалбите, обвинителот Смит, напротив, оцени дека одлуката на судијата Гију е цврсто втемелена во деловникот на судот и се заснова на факти.

За жалбите на Тачи и на обвинетите наскоро ќе одлучува Апелацискиот совет назначен од претседателката на судот, Екатерина Трендафилова.

На панелот се судиите Микеле Пикард од Франција, Каи од Германија и Нина Јоргенсен од Норвешка.

Тачи (52), Весели (53), Селими (49) и Красниќи (69) се обвинети за злосторства во 34 илегални притвори на ОВК во Косово и Албанија против најмалку 407 приведени, од кои најмалку 98 беа убиени во периодот од март 1998 година до септември 1999 година.

Обвинението ги товари Тачи, Весели, Селими и Красниќи во 10 точки за: прогон врз политичка и етничка основа, затвор, незаконско апсење и притвор, други нехумани дела, суров третман, тортура (две точки) и убиство (две точки).

Овие злосторства се квалификувани во шест точки како злосторства против човештвото и во четири точки како воени злосторства.

Според обвинението, Тачи и неговите ко-ообвинети носат и индивидуална и командна одговорност за овие злосторства. Сите биле членови на Генералштабот на ОВК во периодот опфатен со обвинението: Тачи како политички комесар, подоцна командант, Весели како началник на разузнавање, Селими како главен оперативец и Красниќи како заменик командант и портпарол.

Во привремената влада на Косово, прогласена во март 1999 година, Тачи беше премиер, Весели беше министер за разузнавање, Селими беше министер за внатрешни работи, а Красниќи беше портпарол.

Според обвинението, Тачи, Весели, Селими и Красниќи биле учесници во заедничко злосторничко дело, заедно со бројни други офицери и припадници на ОВК и членови на привремената влада, од кои во обвинението биле назначени: Азем Сула, Љах Брахимај, Фатмир Лимај, Сујелман Сејими, Рустем Мустафа, Шукри Буја, Љатиф Гаши и Сабит Геци.

Сите обвинети кои беа уапсени на Косово на 4 и 5 ноември 2020 година, на нивното прво појавување пред судот, од 9 до 11 ноември, се изјаснија за невини за злосторствата во обвинението.

Обвинителите бараат судењето да започне во септември оваа година, а одбраната тврди дека судењето не може да започне пред летото 2022 година.

Извор:Бета

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот