Обрадовиќ: Барселона? Не сум кажал ниту дека сакам да се вратам на работа
Најтрофејниот европски кошаркарски тренер Жељко Обрадовиќ во разговор за шпанските медиуми откри дел од своите размислувања за иднината, но не даде конкретен одговор дали повторно ќе седне на тренерската клупа.
Препорачано
Иако во јавноста сѐ погласно се шпекулира за неговото можно враќање во кошарката, легендарниот стратег истакна дека во моментов не размислува за конкретен ангажман и дека конечната одлука ќе ја донесе по завршувањето на националните првенства низ Европа.
„Не сум кажал ниту дека сакам да се вратам на тренерската работа. Не сум кажал ништо. Треба добро да размислам и да проценам сѐ пред да донесам одлука. Затоа не можам да зборувам ниту за Барселона. Станува збор за голем клуб и голем град. Дали сакаат да ја освојат Евролигата? Како и сите други. Секоја сезона има дванаесет или четиринаесет екипи кои ја имаат истата цел и тоа е сосема нормално“, изјави Обрадовиќ.
Покрај неизвесноста околу својата иднина, прославениот тренер се наврати и на еден од најемотивните моменти во кариерата, историската сезона со Партизан во 1992 година, кога белградскиот клуб своите натпревари како домаќин ги играше во шпанска Фуенлабрада.
„Мојот однос со Фуенлабрада отсекогаш бил и ќе остане одличен. Нѐ нарекуваа ‘Партизан од Фуенлабрада’. Засекогаш останавме пријатели. Луѓето таму нѐ прифатија како свои и создадовме посебна врска. Тие ни помогнаа да ја освоиме Евролигата. Без претерување можам да кажам дека од сите европски титули што сум ги освоил, таа беше најпосебната. Кошарката таму на некој начин започна со нас“, порача Обрадовиќ.
Вембањама добива најголем договор во историјата на Сан Антонио Спарс


