Објавен првиот конкурс за проекти за „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски соопшти дека Градот денеска го објави првиот конкурс за културно-уметнички проекти за „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
Препорачано
Градот Скопје го објави првиот јавен повик за финансирање на културно-уметнички проекти во рамки на програмата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“. Со отворањето на овој конкурс, Скопје влегува во нова фаза во која идеите треба да прераснат во реални, одржливи и европски релевантни културни проекти. Проекти кои нема да живеат само една година, туку ќе остават трајна вредност во градот, во заедниците и во целокупниот културен екосистем, соопшти Ѓорѓиевски.
Заинтересираните можат да аплицираат на овој линк, а селекцијата на проекти ќе се врши во две фази. Првата фаза на селекција на аплицираните проекти ќе ја спроведе независното тело Скопје 2028, врз основа на критериумите утврдени во јавниот повик.
Втората фаза на селекцијата, пак, ќе ја спроведе главното жири, составено од двајца домашни експерти, уметничкиот раководител, како и два меѓународни експерти од Европската Унија, согласно добиените стручни насоки, добиени по консултација со администрацијата во Брисел.
„Доколку сте културна институција, организација, уметник, креативен колектив или професионалец кој верува во силата на културата да ги менува градовите, ова е вашиот момент“, се вели во соопштението од Град Скопје.
Проектите избрани преку овој меѓународен конкурс ќе станат дел од официјалната програма на „Скопје 2028“ и ќе се реализираат низ целиот град и во сите десет општини под Градот Скопје, како во институционалните простори, така и на јавни локации.
Според конкурсот, аплицирањето ќе трае до 29 март, а потоа од 10 до 30 април ќе се разгледуваат и филтрираат понудите, а потоа до јуни ќе се склучат договорите со избраните апликанти.
Од Градот нагласија дека ова е еден од неколкуте повици кои ќе бидат објавени во иднина.


