Објавен последниот разговор на Бајден и Гани пред колапсот на Кабул

Американскиот претседател Џо Бајден и авганистанскиот колега Ашраф Гани/ Фото EPA-EFE/Pete Marovich / POOL

Во последниот разговор помеѓу американскиот претседател Џо Бајден и претседателот на Авганистан Ашраф Гани, пред талибанците да ја преземат контролата врз земјата, двајцата лидери разговарале за воената помош, како и за политичката стратегија за Авганистан, но ниту Бајден ниту Гани не биле свесни или подготвени за непосредна опасност од Талибанците, покажува транскриптот објавен од Ројтерс.

Бајден и Гани на 23-ти јули разговарале околу 15 минути. На 15-ти август, Гани побегна од претседателската палата, а Талибанците влегоа во Кабул. Оттогаш, десетици илјади очајни Авганистанци побегнаа, а 13 американски војници и неколку авганистански цивили загинаа во самоубиствен напад на аеродромот во Кабул за време на американска евакуација.

Во повикот, Бајден му понуди помош на Гани, а тој само требал да ја убеди јавноста дека има план за контрола на ситуацијата во Авганистан.

„Ќе продолжиме да обезбедуваме воздушна поддршка ако знаеме каков е планот“, му рекол Бајден на неговиот колега. Неколку дена пред повикот, САД извршија воздушни напади за поддршка на авганистанските безбедносни сили, потези за кои талибанците рекоа дека ги прекршуваат мировните договори во Доха.

За време на разговорите, Бајден се фокусирал на, како што вели тој, проблемот со „перцепцијата“ на авганистанската влада.

„Не морам да ви кажувам дека во целиот свет и во некои делови на Авганистан, постои перцепција дека работите не одат на добро во однос на борбата против талибанците. Треба да создадете поинаква слика без разлика дали е вистина или не“, рекол Бајден.

Зборовите на Бајден укажуваат дека тој не очекувал масовни напади од талибанците и колапс на Кабул 23 дена подоцна.

„Ќе продолжиме да се бориме напорно, дипломатски, политички, економски, за да се осигураме дека вашата влада не само што ќе преживее, туку е и одржлива и расте“, велел Бајден.

Белата куќа одби да го коментира повикот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот