„Њујорк Тајмс“: Прекинот на тестовите на вакцината на „АстраЗенека“ е поради воспаление на ‘рбетен мозок на волонтер

Завршните клинички испитувања на вакцината против коронавирус што заеднички ја развиваат Универзитетот во Оксфорд и британското-шведска фармацевтска компанија „АстраЗенека“ се прекинати по несакана реакција кај еден од учесниците во проектот. Иако фармацевтската компанија не даде детали за негативната реакција што е развиена од еден од вакцинираните волонтери, во меѓувреме се појави информација дека тој има трансверзален миелитис, односно воспаление на ‘рбетниот мозок, пренесува „Би-Би-Си“.

„АстраЗенека“ го опиша прекинот како „рутински”, а болеста како „необјаснета”. Сепак, „Њујорк Тајмс” известува дека доброволец во британската група испитаници развил воспалителен синдром кој влијае на ‘рбетниот мозок и кој може да биде резултат на вирусна инфекција или жариште на автоимуна болест.

Оваа болест вклучува целосен попречен пресек на ‘рбетниот мозок што спречува комуникација меѓу мозокот и телото под нивото на воспаление. Симптомите се манифестираат само во дел од телото под линијата на воспаление и се поврзани со тешко движење и сензорни проблеми.

Времето на дијагностицирање, како и дали е поврзано со примената вакцина, сè уште не е познато. Независна истрага допрва треба да утврди дали болеста е последица на реакција на вакцината.

„Би-Би-Си“ наведува дека ова е вторпат тестирањето на вакцината на Оксфорд да биде стопирано, по априлското, кога започна тестирањето врз луѓе. Конечното одобрување за продолжување на тестирањето го издава надлежен здравствен регулатор и оваа постапка трае неколку дена, но дотогаш сите понатамошни вакцинации во сите земји кои учествуваат во тестирањето се привремено прекинати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот