Фото: Profimedia

Ново истражување: Вештачкото светло ноќе го зголемува стресот во мозокот и го зголемува ризикот од срцеви болести

Студија покажува дека вештачкото светло во ноќните часови значително го нарушува природниот одговор на организмот на стрес, што може да доведе до хронични воспаленија и зголемен ризик за кардиоваскуларни заболувања. Светлината што навлегува во спалната соба, било од други простории, било од уличната светлина, го прекинува природниот ритам на телото, поради што експертите повикуваат на ограничување на непотребната осветленост и во домовите и во градовите, пишува „Саенс дејли“.

Истражувачите го нарекуваат ова „ноќно светлосно загадување“, феномен кој стана секојдневие во урбаните средини. Во студијата, прва од овој тип, биле комбинирани ПЕТ и КТ скенирања за да се испита врската меѓу изложеноста на светлина ноќе и ризикот за срцеви заболувања.

„Знаеме дека загадувањето на воздухот и бучавата влијаат на срцето преку стрес. Но за светлосното загадување сѐ уште знаеме премалку“, истакнува д-р Шејди Абохашем од Медицинскиот факултет на Харвард.

Студијата ги опфатила 450 здрави возрасни лица без срцеви заболувања и активни малигнитети, кои биле подложени на комбинирано ПЕТ/КТ снимање за мерење на активноста на мозочниот стрес и воспалението на артериите.

Луѓето изложени на повеќе ноќна светлина имале:

  • поголема мозочна активност поврзана со стрес
  • воспаление на крвните садови
  • значително зголемен ризик од сериозни срцеви компликации

Ризикот бил уште поголем кај испитаниците кои живееле во подрачја со дополнителен социјален и еколошки стрес, како што е силната улична бучава.

За време на десетгодишното следење, 17 проценти од учесниците развиле сериозни кардиоваскуларни проблеми.

„Постојана е врската – колку повеќе светлина ноќе, толку поголем ризик. Дури и умерени промени во нивото на светлина го зголемуваат стресот во мозокот и крвните садови,“ велат истражувачите.

Експертите препорачуваат:
– намалување на уличната и домашната расвета во ноќните часови
– користење заштитни маски на уличните светилки
– употреба на светилки со сензори за движење
– избегнување екрани (телевизор, компјутер, мобилен) пред спиење
– минимизирање на секој извор на светлина во спалната соба

Според Американското здружение за срце, нарушувањето на циркадијалниот ритам, природниот биолошки часовник, го зголемува ризикот од кардиометаболички заболувања. Светлосното загадување може да го намали лачењето мелатонин, да го одложи почетокот на сонот и да го наруши општото здравје на срцето.

Иако студијата користи најсовремени снимки и долгорочно следење, научниците напоменуваат дека има ограничувања – таа е опсервациона и опфаќа специфична група пациенти од болнички центри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот