Ново истражување тврди: Оваа намирница може да го намали холестеролот за 10 отсто за само два дена
Научниците од Универзитетот во Бон, Германија, објавија резултати од истражување кои покажуваат дека консумацијата на овесни снегулки може брзо и значително да го подобри профилот на мастите во крвта.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Студијата, објавена во списанието „Нејчр комјуникејшнс“ (Nature Communications), открива дека дури и два дена интензивна исхрана базирана на овес може да го намали нивото на LDL, односно „лошиот“ холестерол, за приближно 10 проценти.
Во експериментот учествувале лица со метаболички синдром – група фактори на ризик кои вклучуваат покачен крвен притисок и шеќер во крвта, како и зголемена телесна маса. Во текот на 48 часа, учесниците јаделе приближно 300 грама овесни снегулки дневно, подготвени едноставно со вода и со минимални додатоци на овошје или зеленчук, додека сите други намирници биле исфрлени од исхраната.
Иако намалувањето на калорискиот внес влијаело врз здравјето на сите испитаници, само оние кои биле на „овесна диета“ забележале значителен пад на LDL и на вкупниот холестерол.
Иако резултатот посебно се однесува на краткотрајна и интензивна употреба на овес, ефектите останале видливи и шест недели по завршувањето на диетата. Истражувачите сметаат дека клучот лежи во тоа како овесот делува во интеракција со цревниот микробиом: бактериите ги разградуваат растителните соединенија од овесот во фенолни метаболити кои можат поволно да влијаат врз метаболизмот на мастите.
Главната причина поради која овесот помага во намалувањето на холестеролот е високата содржина на бета-глукан, растворливо влакно кое го забавува варењето, го врзува холестеролот при минувањето низ дигестивниот тракт и помага во неговото исфрлање од организмот. Ова влакно и претходно беше поврзувано со благотворно влијание врз LDL во бројни клинички истражувања.
Нутриционистите предупредуваат дека, иако ваквото брзо подобрување звучи ветувачки, за долгорочно управување со холестеролот клучни се урамнотежената исхрана, редовната физичка активност и целокупниот здрав начин на живот. Затоа, тие го препорачуваат овесот како редовен дел од здравата исхрана, а не исклучиво како брз лек за покачениот холестерол.


