Новата минимална плата е 26.046 денари
Сојузот на синдикати ја напушти седницата на Економско-социјалниот совет, минималецот се зголеми за 1.667 денари
Новата минимална плата е 26.046 денари во нето-износ, односно 38.507 денари во бруто-износ, заедно со придонесите и данокот. Ова го објави министерот за економија Бесар Дурмиши, на прес-конференција по завршување на Економско-социјалниот совет.
Препорачано
Министерот рече дека во нето-износ минималната плата се зголемила за 1.667 денари и дека зголемувањето веќе важи за мартовската плата што ќе се исплаќа во април.
– Растот на минималната плата е резултат на системско и законско решение за раст на минималнатa плата штитејќи го стандардот на населението, но истовремено водејќи сметка за одржливоста на економијата – рече Дурмиши.
Според Законот за минимална плата „исплатената висина на минимална плата во бруто-износ за март секоја година се усогласува со: 50 % од порастот на просечно исплатената нето-плата во Република Северна Македонија, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика и со 50 % од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика“.
Дурмиши посочи дека растот на просечната бруто-плата во 2025 година во однос на 2024 година е 9,6 проценти, додека инфлацијата на годишно ниво е 4,1 проценти и според овие податоци е пресметан и сегашниот раст на минималната плата.
Долгоочекуваната седница на Економско-социјален совет не заврши со помрднување од ставот на Владата дека минималната плата ќе се зголеми во согласност со законската формула, без да се прифати барањето на Сојузот на синдикати за раст на минималната плата на 600 евра и на сите други плати за минимум 6.000 денари.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов извести дека ССМ протестно ја напуштил седницата.
– Денеска, на мала врата пробаа да утврдат усогласување на минималната плата за околу 1.600 денари во што ССМ нема мандат да учествува и ја напушти седницата на ЕСС. Жалосно е тоа што Владата, работодавачите и другите синдикати се на истиот став, а тоа е минималната плата само законски да се усогласи и да не се зголеми. Борбата продолжува повторно на улица на средината на март – соопшти Трендафилов.
На Економско-социјалниот совет присуствуваше лично и премиерот Христијан Мицкоски и тој рече дека очекува бипартитниот дијалог меѓу работодавците и работниците да продолжи во иднина да се интензивира.


