Фото: Pexels

Нова студија покажува: Една стратегија за слабеење е дури петпати поефикасна од оземпик

Оземпик и другите лекови базирани на семаглутид им помогнаа на многу луѓе значително да ја намалат телесната тежина, но ново истражување покажува дека тие сè уште не можат да се мерат со еден метод кога станува збор за долгорочно слабеење – баријатриската хирургија, пишува „Саенс алерт“.

Истражувачи од Универзитетот во Њујорк ги споредувале резултатите од операциите гастритичен ракав и гастричен бајпас со терапија со семаглутид или тирзепатид. Овие лекови ѝ припаѓаат на групата агонисти на рецепторот ГЛП-1, кои го имитираат природниот хормон ГЛП-1 во телото, одговорен за контрола на апетитот.

Со користење на здравствени податоци, научниците ги споредиле пациентите кои земале лекови за слабеење со оние кои биле подложени на хируршка интервенција, земајќи ги предвид возраста, индексот на телесна маса и нивото на шеќер во крвта.

Резултатите се јасни

По две години, пациентите кои биле оперирани изгубиле во просек 25,7 отсто од телесната тежина, додека оние кои користеле лекови ослабеле 5,3 отсто.

Една од причините за оваа разлика е тоа што голем број пациенти не се придржуваат доследно до терапијата со лекови од типот ГЛП-1, додека хируршките интервенции имаат потраен ефект. Истражувачите забележале дека и во пократки временски периоди, операцијата секогаш давала подобри резултати.

„Клиничките испитувања покажуваат слабеење од 15 до 21 процент со лекови од типот ГЛП-1, но оваа студија укажува дека во реални услови резултатите се значително пониски, дури и кај пациенти кои имале активен рецепт во текот на цела година“, изјави Ејвери Браун, хирург и истражувач од Универзитетот во Њујорк, при презентацијата на резултатите во јуни.

Тој додава дека дури 70 отсто од пациентите ја прекинуваат терапијата во рок од една година, поради што очекувањата треба да бидат пореални, терапијата да се следи построго или да се размисли за хируршко решение.

Има и забелешки

Студијата е финансирана од Американското здружение за метаболна и баријатриска хирургија, што укажува на можен интерес за промоција на хируршките методи. Сепак, истражувачите не ги отфрлаат целосно лековите, бидејќи и тие покажале одредени позитивни резултати.

„Иако и двете групи губат телесна тежина, метаболната и баријатриската хирургија е далеку поефикасна и поодржлива на долг рок“, изјави претседателката на здружението, Ен М. Роџерс, која не била директно вклучена во истражувањето.

Повеќе од слабеење

Иако лековите како оземпик се значително попопуларни од операциите, пациентите често не остануваат доследни во нивното користење. Од друга страна, само мал дел од луѓето кои ги исполнуваат условите за баријатриска хирургија се одлучуваат за овој чекор.

Важно е да се нагласи дека оземпик првично бил одобрен за третман на дијабетес тип 2, бидејќи помага во намалување на нивото на шеќер во крвта. Истражувањата покажуваат дека може да го намали и ризикот од кардиоваскуларни заболувања и одредени видови карцином. Сепак, во оваа студија, хируршката интервенција била поврзана со уште подобра контрола на шеќерот во крвта.

И покрај тоа, ниту операцијата не е „чудотворно решение“. Таа е инвазивна, трајна и бара строго придржување до диета и физичка активност по интервенцијата.

„Во идните истражувања ќе се обидеме да утврдиме како здравствените работници можат да ги подобрат резултатите од терапиите со ГЛП-1, како и кои пациенти се подобри кандидати за хирургија, а кои за лекови“, изјави д-р Каран Чабра, баријатриски хирург од Универзитетот во Њујорк.

Истражувањето беше презентирано на годишниот состанок на Американското здружение за метаболна и баријатриска хирургија во 2025 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот