Студија откри: Нов тест на крвта може да предвиди болести 10 години однапред
Истражувачи од Велика Британија развија тест на крвта кој со помош на убод со игла може да открие рани знаци на болеста повеќе од една деценија пред да се појават симптомите. Тестот користи детални молекуларни профили на крвта за да го предвиди ризикот од болести како што се дијабетес, срцеви болести, рак и деменција, пишува „Гардијан“.
Препорачано
Студијата е дел од кохортниот проект на британската Биобанка, кој анализирал речиси 250 различни протеини, шеќери, масти и други молекули во крвта на половина милион волонтери. Со комбинирање на тие податоци со медицинските картони и регистрите на смртните случаи, научниците можат да добијат попрецизна слика за физиологијата на една личност и да ги препознаат раните знаци на болест.
Доктор Џој Едвардс-Хикс од Универзитетот во Единбург истакнува дека овие тестови ќе овозможат превенција на болести пред да се појават симптомите.
– Ако имаме рани предиктори на болеста, можеме да го предупредиме лицето во неговите четириесетти години за потенцијалните ризици и да го советуваме за промените во животниот стил – рекол д-р Едвардс-Хикс.
Тестовите вклучуваат мерење на метаболити во крвта, како што се шеќери, аминокиселини, масти, хормонски прекурсори отпадни производи на метаболизмот. Промените во овие профили можат да укажуваат на оштетување на органите – на пример, зголемениот амонијак може да сигнализира проблем со црниот дроб, додека зголемената уреа и креатин може да укажуваат на оштетување на бубрезите.
Британската кохорта на Биобанк, која започнала со регрутирање волонтери во 2006 година, сега им овозможува на научниците да комбинираат медицински картони, снимања и метаболички профили за да ги идентификуваат раните знаци на болеста, да го следат нејзиниот развој и да ја проценат ефикасноста на третманот.


