Фото: Pixabay / Chuotanhls

Нова студија: Аутизмот најверојатно не е поредок кај девојчињата, туку само поретко се дијагностицира

Аутизмот историски е гледан како состојба што ги погодува мажите и момчињата почесто отколку жените и девојчињата. Но, една огромна нова студија, заснована на податоци од милиони луѓе, сугерира дека тоа, всушност, не е точно, барем не во Шведска, објави „Сајенс алерт“ (Science Alert).

Додека момчињата се дијагностицираат со аутизам со повисока стапка во детството, во зрелата возраст односот е приближно 1:1. Ова укажува дека не станува збор за тоа дека помалку жени имаат аутизам во однос на мажите, туку дека ним им се дијагностицира подоцна во животот.

Стапките на дијагностицирање на нарушувања од аутистичниот спектар (АСН) растат уште од 1990-тите, но дијагнозите не се еднакво распределени меѓу мажите и жените.

Дијагностичкиот и статистички прирачник за ментални нарушувања, петто издание (ДСМ-5), прирачник што ги дефинира менталните здравствени состојби и препорачаните третмани, наведува дека на секои четири мажи со дијагностициран аутизам, само една жена добива дијагноза.

Девојчињата се изневерени од сегашните системи

Неодамнешната студија, предводена од медицинската епидемиологинка Каролин Фајф од Каролинскиот институт во Шведска, прикажува сосема поинаква слика. Таа се надоврзува на сè поголем број истражувања што сугерираат дека аутистичните жени и девојчиња се изневерени од сегашните системи за дијагностика и третман.

Аутизмот е невроразвојно нарушување што се карактеризира со тешкотии во социјалните интеракции и комуникацијата, интензивни и специфични интереси за одредени теми или активности, повторувачки однесувања и силна потреба од рутина.

Дијагнозата во детството обично се потпира на мислењата на старателите и здравствените работници за тоа дали однесувањето на детето одговара на описот во ДСМ-5.

Се разбира, кога една состојба се дефинира како претежно присутна кај една демографска група, лесно е таа да биде занемарена кај другите групи, особено ако симптомите се манифестираат поинаку од она што се опишува во ДСМ-5, на што се сомневаат некои истражувачи.

„Поновите истражувања, како и искуствата на аутистични жени, сугерираат дека вистинскиот сооднос е помалку искривен и дека сегашните практики не успеваат да го препознаат аутизмот кај многу жени сè до подоцна во животот, ако воопшто го препознаат. Изгледа дека овие докази го поддржуваат аргументот дека системските пристрасности во дијагностиката, а не вистинска разлика во зачестеноста, стојат зад широко прифатениот сооднос 4:1 во корист на мажите при дијагностицирање“, објаснува активистка со аутизам Ен Кери во уреднички текст што ја придружува студијата.

Тимот на Фајф ги анализирал медицинските досиеја на повеќе од 2,7 милиони Швеѓани родени меѓу 1985 и 2020 година, со цел да следи како клиничката преваленција и соодносите на дијагнози на АСН се менувале од раѓање до 37-годишна возраст.

Нејасни причини за доцна дијагноза

Иако мажите биле дијагностицирани со аутизам со значително повисоки стапки во детството, овој полов сооднос се изедначувал речиси целосно до околу 20-годишна возраст. Овој наод сугерира дека аутизмот, всушност, не е претежно машка состојба, туку само дека кај девојчињата и жените е потребно повеќе време за да се постави дијагноза.

Причините за тоа сè уште не се целосно јасни.

„Овој машко-женски сооднос можеби е значително понизок отколку што претходно се сметало, до таа мера што во Шведска, во зрелата возраст, можеби веќе не е препознатлив. Овие набљудувања ја нагласуваат потребата да се истражи зошто женските групи добиваат дијагноза подоцна од машките“, пишуваат Фајф и нејзиниот тим.

Како што истакнува Кери, можно е податоците да се објаснат и со одложен почеток на аутистичните особини кај жените.

„Ако тоа е случајот, можеби е неразумно да се претпостави дека аутизмот се пропушта кај младите девојчиња“, пишува таа.

Но, таа, исто така, наведува и неколку добри причини зошто дијагностичкото занемарување е сериозна можност.

„Прво, веројатно постојат полови разлики во начинот на кој се манифестираат аутистичните особини, особено во детството. Второ, лицата што даваат информации (на пример, родители и наставници) и дијагностичарите можат да очекуваат дека женската популација има помала веројатност да биде аутистични и да развие пристрасност при препознавањето на аутистичните особини кај девојчињата“, објаснува таа.

Студијата има одредени ограничувања

Долгогодишните податоци од толку голем примерок ја прават студијата доста робустна, но треба да се земат предвид и одредени ограничувања.

На пример, податоците се однесуваат исклучиво на лица родени во Шведска, па можеби не ја отсликуваат состојбата во остатокот од светот. Студијата не ги земала предвид состојбите што често се јавуваат заедно со аутизмот, како што се АДХД, интелектуална попреченост, депресија и анксиозност.

Дополнително, не биле анализирани други демографски фактори, како што се расата или социоекономскиот статус.

Очигледно е дека има уште многу да се научи за аутизмот, особено кај жените и девојчињата.

„Понатамошните истражувања треба да се фокусираат на фенотипските разлики во тоа како АСН се манифестира според полот и на импликациите за скринингот и дијагностичките практики“, заклучуваат Фајф и нејзиниот тим.

Целосното истражување е објавено во списанието „БМЈ“ (The BMJ).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот