Нова голема победа за македонските надежи во Чешка

фото: valogatott.mlsz.hu

Македонските фудбалски надежи предводени од селекторот Шкумбин Арслани денеска убедливо со 3:0 ја совладаа селекцијата на Унгарија.

Сите голови беа реализирани во текот на првото полувреме. Влеговме фуриозно на овој меч и успеавме да поведеме со 1:0 уште во 10. минута со голот на Иван Николов. Продолжи нашата доминација на теренот, Бехар Фета зголеми во 23 минута погоди за 2:0, а шест минути подоцна Влада Новески ги постави конечните 3:0.

Од 55. минута игравме со 10 играчи после црвениот картон на Илиевски, но ривалите не успеаја да ја искористат предноста од еден играч за да се вратат во игра. Во 60. минута од натпреварот нашиот голман Китаноски одбрани пенал.

Овие момци го потврдија тоа дека во нив има квалитет кој допрва ќе дојде до израз и потврдија дека победата над Словачка беше заслужена. Жалиме за поразот од Украина, бидејќи бевме подобри, но одиме напред кон нови предизвици. Верувам во овие момци и знам дека можат повеќе. Ова победа му ја посветуваме на нашиот голман Марко Алчевски кој е во процес на рехабилитација по операцијата на коленото. Сите ние му посакуваме што побрзо да се врати на зелените терени – рече селекторот на Македонија У18, Шкумбин Арслани.

МАКЕДОНИЈА У18: Кристијан Китановски, Бењамин Далипи, Алтрим Јакупи, Виктор Крстевски, Имран Фетаи, Иван Николов, Хамза Рамани, Лука Станковски, Бехар Фета, Влада Новевски, Марио Илиевски.

Играа уште: Азер Омерагиќ, Димитар Тодоровски, Али Асани, Александар Ѓуркоски, Филип Костовски, Лавдрим Латифи.

Претходно на стартот од турнирот во Чешка „црвено-жолтите“ претрпеа минимален пораз од Украина (1:2), а потоа славеа над Словачка со 3:2.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот