Нов вагон надвор од шините, одговорноста никако да се врати на колосек

Фото Данас.рс принтскрин

Неполни два дена откако од вагони што излетаа од шините кај Пирот истече амонијак што уби две лица и затру десетици, уште еден вагон со отровни хемикалии излета од пруга во Србија, за среќа без да го загрози здравјето на луѓето.

Вагон со фосфорна киселина од товарен воз прексиноќа излетал од шините на линијата Заечар-Књажевац, иако таа пруга неодамна била реконстуирана. Надвор од шините останал само еден од 12-те вагони од возот што пренесувал хемикалии од Прахово кон Шабац за потребите на фабриката „Еликсир Зорка“. По оваа пруга редовно поминуваат товарни возови, кои пренесуваат и амонијак.

Александар Богоевиќ, портпаролот на заечарската полиција, изјави за „Данас“ дека ниту се излеала киселина од цистерната ниту постои опасност дека може да се излее.

– Луѓето нека не се вознемируваат, ситуацијата не е како во Пирот – изјави Богоевиќ.

Само два дена порано кај Пирот од шините излетаа четири вагон-цистерни и се оштети една со 45 тони амонијак. Починаа 74-годишен српски државјанин и 55-годишен турски државјанин што биле изложени на отровна пареа во непосредна близина на продупчената цистерна, а затруени беа десетици луѓе. Четири лица биле повредени во верижен судир кога возачи се обиделе да избегаат подалеку од отровниот облак. Во Пирот веднаш беше прогласена тревога, училиштата и јавните установи беа затворени, а градоначалникот апелираше до жителите да не излегуваат од домовите и да ги затворат прозорците. По неколку часа сите мерни инструменти покажале дека воздухот во градот и водата во реката Нишава не содржат амонијак и ситуацијата почна да се нормализира, но властите побараа максимална претпазливост додека не бидат безбедно отстранети дупнатата цистерна и другите вагони.

– Се надевам дека отстранувањето на цистерните ќе почне денеска, откако обвинителството ја заврши истрагата на местото на инцидентот, а од дупнатиот вагон престана да истекува амонијак. Не успеавме да ѝ пријдеме на оштетената цистерна, но поминаа 48-те часа што беа посочени како потребно време за да истече целата содржина на цистерната – изјави заменик-градоначалникот на Пирот, Милош Чолиќ.

Тој додаде дека расчистувањето ќе се одвива внимателно и во повеќе фази, за што е потребно време. Прво ќе бидат отстранети локомотивата и вагоните што останале на шините, потоа оние што се превртеле и на крајот цистерната од која истекувал амонијак. На крајот, веројатно по најмалку пет дена, ќе биде санирана и пругата, за да продолжи железничкиот сообраќај.

Министерот за транспорт Горан Весиќ донесе одлука од завчера да биде нормализиран сообраќајот по автопатот близу пругата што превентивно беше прекинат на 25 декември.
Несреќата не ги наруши ни плановите за новогодишните прослави. Во Пирот Новата година ќе ја пречекаат туристи од Бугарија, кои не ги откажале резервациите во кафеаните и рестораните.

– Угостителите велат дека веднаш по несреќата се јавувале Бугари и се распрашувале за развојот на ситуацијата во Пирот, но речиси никој не ја откажал резервацијата. Местата се резервирани уште пред неколку месеци, па многумина ќе ја испратат старата година и ќе ја дочекаат новата во Пирот – пишува порталот „Пиротски вести“.

Вознемирени, сепак, се граѓаните, не само од Пирот и од Заечар, бидејќи ова не се првите излетувања на вагони на пругите низ Србија, а не се посочени одговорни за досегашните несреќи.

Токму на пругата Заечар-Прахово во 2018 година излетала цистерна со амонијак од товарен воз на „Србија карго“, при што биле оштетени голем број прагови на пругата. Вагоните не биле оштетени и немало повредени, но немало ни одговорни. Само неколку месеци подоцна на пругата Ниш-Заечар-Прахово кај местото Подвис од шините излетале две вагон-цистерни полни со токсични хемикалии. Тогаш не протекуваше отровен гас, но жителите на околните населби беа евакуирани во периодот кога контролирано се празнеле вагоните за да се отстранат.

Во 2019 година од шините излетала и дигалката што пристигнала во селото Јасеновиќ за да ги отстрани цистерните со амонијак. Во 2021 година напукнал вагон-цистерна со фосфорна киселина на станицата Каона, на пругата Заечар-Пожаревац. Вагонот тогаш не излетал од шините, но до денес не се објавени детали од истрагата зошто напукнала цистерната и истекла киселина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот