Црногорска полиција во Цетиње/ Фото EPA-EFE/BORIS PEJOVIC

Нов скандал во Црна Гора: полицијата го бара синот на експретседателката на Врховниот суд под дрво и под камен – исчезна по пресудата

Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ оцени дека станува збор за невиден скандал и за целосен колапс на системот, истакнувајќи дека држава што дозволува бегство на осуденик за организиран криминал го губи својот кредибилитет.

Нов скандал ја потресе Црна Гора, откако полицијата од средата вечерта интензивно трага по Милош Меденица, син на поранешната претседателка на Врховниот суд, Весна Меденица. Тој исчезна веднаш по изрекувањето на пресудата со која, заедно со мајка му, беше осуден на десетгодишна затворска казна. По судски налог, против него вчера беше распишана локална потерница, објави „Вијести“.

Според безбедносни експерти, станува збор за најсериозен пропуст во историјата на црногорските институции бидејќи полицијата однапред знаела кога ќе биде изречена пресудата и требало да преземе соодветни мерки. Во јавноста сè погласни се сомнежите дека бегството било однапред организирано.

Претседателот Јаков Милатовиќ оцени дека станува збор за невиден скандал и за целосен колапс на системот, истакнувајќи дека држава што дозволува бегство на осуденик за организиран криминал го губи својот кредибилитет.

Премиерот Милојко Спајиќ побара итна одговорност од надлежните и на социјалните мрежи порача дека недостапноста на Меденица е апсолутно неприфатлива, со оглед дека според пресудата станува збор за организатор на сериозна криминална мрежа.

Црна Гора сѐ поблиску до членство во ЕУ: конечно ги затвори петте поглавја за влегување во Унијата

Покрај потрагата по Меденица, започната е и истрага за тоа кој овозможил тој да исчезне. Пресудата била изречена во средата околу 14 часот, а полицијата, по налог на судијката, се обидела да го приведе истата вечер, но не го пронашла на пријавената адреса. Ниту Милош Меденица ниту неговата мајка не присуствувале на изрекувањето на пресудите.

Милош Меденица неправосилно е осуден на единствена казна од 10 години и два месеца затвор за шверц на цигари, незаконско влијание врз судството и за попречување на докажувањето. Весна Меденица доби десетгодишна затворска казна за злоупотреба на службената положба и за противправно влијание, кривични дела сторени додека ја извршувала функцијата претседателка на Врховниот суд.

Двајцата се обврзани и да уплатат по 50.000 евра во државниот буџет, додека на уште десетина членови на криминалната група им беа изречени помали затворски казни и обврска за исплата на над 2,7 милиони евра.

Специјалното обвинителство за Милош и Весна Меденица побара максимални казни од по 20 години затвор и парични казни од по 100.000 евра, со цел, како што беше наведено, да се испрати јасна порака до Европската Унија дека Црна Гора води решителна борба против организираниот криминал.

Ова е втор крупен скандал што ја потресе Црна Гора во изминатиот месец, по аферата со двајца високи државни службеници кои поднесоа оставки откако во јавноста протекоа експлицитни видеоснимки и фотографии.

ВИДЕО | Мирјана Пајковиќ проговори за скандалот што ја тресе Црна Гора: Снимките се шират баш кога јавно зборувам за насилството на моќниците врз мене

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот