Фото: „Хајп ТВ“ / Принтскрин

ВИДЕО | Мирјана Пајковиќ проговори за скандалот што ја тресе Црна Гора: Снимките се шират баш кога јавно зборувам за насилството на моќниците врз мене

Поранешната државна секретарка во црногорското Министерство за човекови и малцински права, Мирјана Пајковиќ, вели дека не се откажува од ниедна животна улога и дека не гледа причина приватниот живот да се жртвува поради јавна функција. Таа нагласува дека, според општествените норми, се остварила и како сопруга и како мајка на две деца, кои ги одгледува и денес.

Црна Гора веќе еден месец ја тресе афера во која, покрај поранешната државна секретарка во Министерството за човекови и малцински права, Мирјана Пајковиќ, се најде и Дејан Вукшиќ, сега веќе поранешен директор на Агенцијата за национална безбедност и поранешен советник на претседателот Јаков Милатовиќ.

И двајцата по избивањето на скандалот поднесоа оставки од државните функции. Прв тоа го направи Вукшиќ, кон крајот на минатата година, откако Мирјана Пајковиќ против него поднесе три кривични пријави. Минатиот петок и таа поднесе оставка од функцијата директорка на Директоратот за унапредување и заштита на човековите права и слободи при Министерството за човекови и малцински права на Црна Гора.

– Не сум сторила никакво кршење на законите, ниту, пак, на етичките норми во смисла на работното време или повреда на службената должност. Кога станува збор за правото на приватност, дури и ако некој навлезе во самата анализа, многу е спорно како воопшто може да се утврди дали однесувањето на тие снимки настанало за време на вршењето на функцијата или претходно. Едноставно, не сме сите родени оној ден кога сме стапиле на некаква функција – изјави Пајковиќ во поtкастот „Сада и овде“ на телевизијата „Хајп“.

Скандал ја тресе Црна Гора: Контроверзни снимки соборија функционери

„Се остварив како мајка, сѐ уште ги одгледувам своите деца“

Како што таа рече, воопшто не се откажува од „ниедна од улогите што животот може да ѝ ги понуди на една жена“.

– Многу сум среќна што сум мајка, уживам во домашните обврски и тоа ме исполнува. Уживам и во професијата што сум ја одбрала, но сметав дека не треба да го жртвувам својот приватен живот поради некаква општествена позиција. Мислам дека овде станува збор и за длабока сексуална неосвестеност, за тоа што ѝ е дозволено на жената и дали имаме, и во кој животен период, право да живееме слободно и онака како што сакаме – рече Пајковиќ.

Таа откри и дека, од аспект на општествените норми, направила „сè што се сметало за нужно“.

– Во смисла дека бев во брак, се остварив на тоа поле, имам две деца и се остварив како мајка. Тие деца ги одгледав и сè уште ги одгледувам – изјави Пајковиќ.

Таа додаде дека никогаш не планирала нејзините приватни снимки да стигнат до јавноста.

– Мислам дека тоа е прашање на кое секој го знае одговорот. Да бидеме крајно искрени: ако снимките настанале за некаква цел, сигурно не настанале за неконтролирана дистрибуција. А најмалку за да послужат како оружје за пресметка со мене – истакна Пајковиќ.

Скандал ја тресе Црна Гора: Контроверзни снимки соборија функционери

„Дали некој од вас би објавил снимка од сопственото лице?“

Пајковиќ се осврна и на шпекулациите дека токму таа ги пуштила интимните снимки во јавноста.

– Апсолутно не би објавила снимки на кои, да се изразам така, не сум горда и кои кај мене предизвикуваат непријатност. Тоа е злонамерна инсинуација. Дали некој од нас би објавил снимка од сопственото лице? Ќе одам и чекор понатаму, апсолутно не. Она што, меѓутоа, е многу симптоматично е што тие снимки доспеваат во јавноста и што доаѓа до нивна огромна дистрибуција и масовно вознемирување на јавноста. Снимките почнуваат да ги добиваат луѓе кои ниту ги сакаат, ниту ме познаваат, ниту ги интересира тоа, ниту се дел од јавниот живот, а и самите се чувствуваат вознемирено. Како некој воопшто ги знае нивните броеви за да им го испраќа тоа? И сето тоа се случува токму во моментот кога јавно почнувам да зборувам за насилството на моќниците врз мене и кога по правен пат се обидувам да се изборам за своите права. Мислам дека заклучокот на сите им е јасен – порача Пајковиќ.

Како што таа наведе, експлицитните снимки пристигнувале и до членовите на нејзиното семејство, пријатели, познаници и надредени.

– Тоа се случуваше во неконтролиран обем, а истите содржини повеќепати се повторуваа. Како што минува времето, сè помалку се прифаќа ставот дека станува збор за сензационализам или за обичен скандал. Напротив, стануваше збор за директен напад врз мене, за деградирање на мене како јавна функционерка и за поништување на мене како стручна личност. Слободно можам да кажам дека станува збор и за напад врз мојот живот, имајќи предвид дека станува збор за исклучително тешка ситуација кога е во прашање менталното здравје – заклучи Пајковиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот