Нов предизвик за капитенот: Никола Ѓорѓиев за првпат ќе игра во Чешка
Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев, од денеска официјално е нов член на Карловарско, водечката екипа во чешката Екстралига, со што ја продолжува својата богата интернационална кариера во едно од посилните европски одбојкарски првенства.
Препорачано
Клубот од Чешка го потврди ангажманот на најдобриот македонски одбојкар, кој по половина сезона мината во романскиот Рапид Букурешт реши да направи нов чекор во кариерата. За 37-годишниот Ѓоргиев ова претставува 21. сезона надвор од Македонија и негов прв настап во чешкото првенство. Трансферот има и значење за репрезентацијата, бидејќи преку настапите во силната Екстралига, капитенот ќе ја гради формата за Европското првенство, кое во септември ќе се одржи во Бугарија.
„Повеќе од две децении сум надвор од Македонија и првпат ќе играм во Чешка. Многу сум среќен што се приклучувам на успешниот Карловарско, кој има одлична сезона. Се надевам дека ќе останеме здрави, ќе ја продолжиме добрата серија и ќе ги оствариме целите. Со нетрпение очекувам да се видиме во салата и да освојуваме нови победи и трофеи“, изјави Ѓоргиев.


