Норис и Пјастри дисквалификувани – Ферстапен чекор поблиску до нова титула
Две трки пред крајот на сезоната во Формула 1, драмата се разгори по настапот во Лас Вегас, откако двата болида на Мекларен – оние на Ландо Норис и Оскар Пјастри – беа дисквалификувани по трката.
Препорачано
Техничкиот делегат на ФИА, Џо Бауер, ги пријави двата болида кај стјуардите по детална техничка контрола, при што беше утврдено дека заштитните плочи на подот биле потенки од дозволениот минимум од девет милиметри. Проблемот претставува прекршување на правилото 3.5.9.e од техничките регулативи, што автоматски носи дисквалификација.
По сослушувањето на возачите и претставниците на тимот, стјуардите ја потврдија казната. Идентична ситуација оваа сезона им се случи и на возачите на Ферари по трката во Кина.
Со оваа одлука, Норис останува без освоеното второ место, а Пјастри без четвртата позиција која ја избори по жестока борба на патеката. И кај двата болида е измерена истата неправилност – „RHS Front 8.88 mm, RHS Rear 8.93 mm“. Мерењата биле направени со сертифициран уред што ФИА го користи од мај 2025 година, со максимално можно отстапување од само 0.001 mm.
Иако Мекларен се обиде да укаже дека можело да се случи случајно оштетување, приговорот беше одбиен. Од тимот засега нема официјална прес-конференција, но најавија дека ќе се обратат со соопштение по одлуката на стјуардите.
До крајот на сезоната остануваат уште две трки – во Катар на 30 ноември и завршната во Абу Даби на 7 декември – со вкупно 58 бодови во игра. Со дисквалификациите на Мекларен, Макс Ферстапен е чекор поблиску до нова шампионска круна.


