Нобеловата награда за мир на Мачадо заврши кај Трамп
Лидерката на опозицијата во Венецуела, Марија Корина Мачадо, денеска изјави дека на претседателот на САД, Доналд Трамп, му ја врачила Нобеловата награда за мир што ја добила во 2025 година за борбата за демократија во Венецуела, пренесе Политика.
Препорачано
„Му го врачувам на претседателот на Соединетите Американски Држави медалот, Нобеловата награда за мир“, изјави Мачадо по средбата со американскиот лидер во Белата куќа.
Таа рече дека на Трамп му раскажала анегдота за латиноамериканскиот револуционер Симон Боливар.
„Пред двесте години генералот (маркиз де) Лафајет му дал на Симон Боливар медал со ликот на Џорџ Вашингтон. Боливар го чувал медалот до крајот на својот живот. Двеста години подоцна, народот на Боливар му го враќа медалот на наследникот на Вашингтон, во овој случај медалот од Нобеловата награда за мир, како признание за неговата единствена посветеност на нашата слобода“, истакна Мачадо.
Таа наведе дека разговорот со Трамп бил „одличен“ и дека поминал „многу добро“.
Откако ја напушти резиденцијата на американскиот претседател, Мачадо им пријде на собраните пред Белата куќа, кои мафтаа со венецуелански знамиња.
Мачадо минатата недела изјави дека би сакала наградата да му ја додели на американскиот претседател.
Трамп потоа изјави дека ќе разговара за понудата на Мачадо „кога следната недела ќе ги посети САД“.
Тој додаде дека би му било „чест“ да ја прифати наградата.
Трамп претходно го критикуваше Нобеловиот комитет што го заобиколил и ѝ ја доделил наградата на Мачадо.


