Николоски: Од наредната недела ќе собираме потписи за укинување на Законот за попис, ни требаат 10.000, очекуваме 100.000

Александар Николоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ/Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Наредната недела ќе стартува иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за собирање на граѓански потписи за укинување на Законот за попис, најави вечерва потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во македонското Собрание, Александар Николоски.

Николоски, при гостувањето во емисијата „Што не е јасно” на ТВ Алфа, рече дека правната процедура е веќе започната, а овие денови ќе биде објавен датумот од кога ќе почнат да се собираат потписите за кои рокот е 30 дена. Минималната бројка, како што изјави тој, е 10.000 потписи, меѓутоа тој очекува дека бројката на потписи ќе достигне 100.000.

Тој посочи дека земјава одамна е држава на проценти, а не држава на граѓани, како и дека постои политички договор за проценти помеѓу СДСМ и ДУИ, кој сам по себе, како што рече, е штетен, затоа што ќе предизвика нереални бројки и ќе ја однесе државата во погрешен правец.

– Има јасен политички договор за пописот. Тој се гледа и меѓу СДСМ и ДУИ е. Во Македонија, за жал, пописот одамна не е статистичка операција, туку е политичка операција, особено по Охридскиот рамковен договор, кога Македонија стана држава на проценти, а не држава на граѓани кои што живеат во тука, изјави Николоски.

Таквиот политички договор, посочи тој, создава нереални бројки и може да ја однесе цела држава во погрешен правец, од економски правец и од аспект на политички прашања каде што реалното или нереално прикажување на одреден процент потоа повлекува етнички права по број на вработувања, распределба на финансии, состојба на одредени општини и еден цел комплекс на проблеми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот