НФЛ лигата доаѓа и во Германија, познати градовите домаќини

Досега единствен европски град каде се играат натпревари во НФЛ Лигата е Лондон/ фото: EPA-EFE/JOHN G. MABANGLO

НФЛ лигата денеска ги избра трите германски градови, Дизелдорф, Франкфурт и Минхен како можни домаќини на натпреварите во наредните сезони.

„Овие три града ќе учествуваат во деталните разговори за организација на НФЛ натпревари во Германија“, стои во соопштението на спортот кој генерира највеќе пари во една сезона.
НФЛ лигата годишно заработува околу 12 милијарди долари.

Германија има силна и брзо растечка навивачка база на НФЛ, а предноста според челниците на лигата е тоа што оваа европска држава всушност е една од најголемите светски економии.

Челниците на НФЛ лигата најавуваат дека првиот натпревар од регуларниот дел од сезоната во Германија во можел да се одигра најдоцна до 2023 година.

Оваа најава на НФЛ лигата доаѓа откако во недела во Лондон повторно се одигра натпревар од регуларниот дел, по едногодишна пауза поради пандемијата на коронавирусот.

Натпреварот помеѓу Атланта фалконс и Њујорк џетс (27:20) се играше на стадионот на Тотенхем, а наредната недела во Лондон ќе играат и екипите на Џексонвил и Мајами.

Во Лондон од 2007 година се играат натпревари од НФЛ лигата и најголем дел се играа на „Вембли“ стадионот пред 80.000 гледачи.

Досега се одиграни 39 НФЛ натпревари надвор од САД, а покрај Лондон каде се играа 29 средби, домаќини беа уште и Торонто (шест пати) и Мексико сити (четири пати).

Видео на денот