„Нетфликс“ се откажа од преземање на „Ворнер Брос“, „Парамаунт“ е подготвен да даде 111 милијарди долари
По месеци преговори, „Нетфликс“ конечно се откажа од својата понуда за купување на „Ворнер Брос“, отворајќи го патот за „Парамаунт“ и „Скајденс“ да ја добијат повеќемесечната битка за едно од најпознатите студија во Холивуд во договор вреден околу 111 милијарди долари (93 милијарди евра), објавува „Би-би-си“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Ворнер Брос“, кој е на продажба од минатата година, вчера изјави дека најновата понуда на „Парамаунт“ е „супериорна“ од онаа на „Нетфликс“, кој пак одби да ја зголеми својата понуда. Раководителите на „Нетфликс“ изјавија дека одбиле да ја изедначат понудата бидејќи „договорот повеќе не е финансиски привлечен“ по таа цена.
Во декември, „Ворнер Брос“ се согласи на понудата на „Нетфликс“ да преземе дел од средствата во договор вреден околу 72 милијарди евра, вклучувајќи го и долгот. Стануваше збор за купување на легендарното филмско и ТВ студио, вклучувајќи ја и платформата „Ејч-би-о“.
Потоа „Парамаунт“ даде конкурентска понуда, која компанијата ја отфрли, но претходно оваа недела даде зголемена понуда од 1 долар по акција.
– Трансакцијата што ја договоривме ќе создаде вредност за акционерите со јасен пат до регулаторно одобрување. Сепак, секогаш сме биле дисциплинирани. Оваа трансакција отсекогаш била „убаво да се има“ по вистинска цена, а не „задолжително“ по која било цена – изјавиле ко-извршните директори на „Нетлфикс“, Тед Сарандос и Грег Питерс.
Договорот, доколку биде одобрен од регулаторите, потенцијално би ставил крај на неколкумесечна битка, но ќе има значително влијание врз Холивуд. Калифорнискиот државен обвинител, Роб Бонта, подоцна во четврток изјави дека потенцијалното спојување „не е завршена работа“.
– Овие два холивудски титани не поминале низ регулаторен надзор – Министерството за правда на Калифорнија има отворена истрага и ние имаме намера да бидеме енергични во нашиот преглед – напишал тој во објава на социјалните мрежи.
Договорот меѓу „Парамаунт“ и „Ворнер Брос“ би можел да има сериозни последици за иднината на една од најголемите американски телевизиски корпорации – „Си-ен-ен“, која е во сопственост на „Ворнер Брос“.
Патем, „Парамаунт“ е поддржан од Дејвид Елисон, син на технолошкиот милијардер Лари Елисон, кој се обидува да стане холивудски стриминг гигант откако влезе на сцената, и ја има поддршката на Трамп.
Трамп често ја напаѓаше гореспоменатата новинска мрежа за известување за неговите политики. Кон крајот на минатата година, тој рече дека верува оти „Си-ен-ен“ треба да се продаде како дел од секој договор со „Ворнер Брос“. Тој ги нарече луѓето што го водат „Си-ен-ен“, „корумпирани или некомпетентни“.
Доколку регулаторите го одобрат договорот на „Парамаунт“, компанијата ќе ги вклучи корисниците на „Ејч-би-о макс“ во своето портфолио. Исто така, ќе ја преземе сопственоста на „Си-ен-ен“, „Фуд нетворк“ и голем број спортски понуди.


