Нема одложување на законот против пушење — првин опомени, потоа казни
Министерството за здравство соопшти дека новиот Закон за заштита од пушење ќе почне да се применува без одложување откако ќе биде усвоен во Собранието, а во моментов се доработуваат забелешките пристигнати за време на јавната расправа. Како што наведуваат, финалниот текст на законот ќе биде доставен до Владата веќе следната недела.
Препорачано
Од Министерството потенцираат дека остануваат целосно посветени на донесување и спроведување на законот во предвидените рокови, при што усогласувањата што се прават врз основа на јавната расправа не ја менуваат неговата суштина. Целта, како што посочуваат, е да се спречи младите да почнуваат со пушење, да се намали никотинската зависност кај новите генерации и да се обезбеди заштита од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.
„Фазната имплементација не е одложување на законот“
Во врска со најавите за „фазна имплементација“, Министерството појаснува дека тоа не значи одложување на стапувањето во сила на законот, туку постепен пристап во првиот период на примена.
Во почетната фаза, надлежните служби ќе се фокусираат на засилен надзор, информирање и опомени, со цел институциите, угостителските објекти и граѓаните полесно да се приспособат и да добијат јасни насоки за спроведување на правилата.
Каде сѐ ќе важи законот?
Новиот предлог-закон предвидува целосна забрана за пушење во затворени простории, без разлика дали станува збор за класични цигари, електронски цигари или уреди за загревање тутун. Забраната ќе важи во сите угостителски објекти, компании, јавни институции, образовни установи, здравствени установи, како и на автобуски и железнички станици, пазари, културни и спортски објекти, вклучително и во просторите пред јавните институции.
Пушењето ќе биде забрането и во автомобил доколку во возилото има дете.
Предвидените казни за прекршување на законот се од 150 до 300 евра за граѓаните, додека, пак, за правните лица можат да достигнат и до 5.000 евра.
Има ли најмало зло кога станува збор за цигари, загреан тутун или за вејпање?


