Фотo: Е-цигари/Принтскрин

Има ли најмало зло кога станува збор за цигари, загреан тутун или за вејпање?

Клиничкиот токсиколог и универзитетски професор, Нико Беќаровски, вели дека сè што се вдишува во белите дробови, а не е воздух, носи одреден ризик. Разликата е во степенот на штетност.

Иако е-цигарите и уредите што загреваат тутун честопати се промовираат како „побезбедна“ алтернатива на класичните цигари, експертите предупредуваат дека, само зашто се „поздрави“ од цигарите, тоа не значи дека се безбеден избор. Класичните цигари остануваат најштетни поради согорувањето, но и кај е-цигарите и кај уредите за загревање тутун постојат сериозни здравствени дилеми, особено поради недостигот од долгорочни податоци.

Клиничкиот токсиколог и универзитетски професор, Нико Беќаровски, за „Слободен печат“ вели дека сè што се вдишува во белите дробови, а не е воздух, носи одреден ризик. Разликата е во степенот на штетност, објаснува тој, а не во тоа дали овие уреди се штетни или не.

Сепак, вели Беќаровски, класичните цигари се најопасната опција од овие три бидејќи тутунот гори на температури над 800 степени, при што се создаваат илјадници токсични и канцерогени соединенија.

— Пушењето цигари е најстариот и најштетниот начин на консумирање тутун, со горење на тутунот на температура над 800 степени Целзиусови. Чадот од цигарите содржи преку 7.000 хемикалии, од кои околу 70 се докажано канцерогени (катран, јаглероден моноксид и др.). По горењето останува пепел и силен мирис кој се задржува на облеката и во просторијата — објаснува професорот.

Проф. д-р Нико Беќаровски Фото: Утрински брифинг/Слободен печат

Што е проблемот со е-цигарите?

За разлика од цигарите и од уредите за загревање тутун, електронските цигари воопшто не содржат тутун во цврста форма, тие се уреди во кои се става течност со разни материи и ароми во неа, па уредот ја загрева течноста која се претвора во пареа што се вдишува.

— Батеријата го загрева грејачот кој ја претвора течноста (која содржи никотин, пропилен гликол, глицерин и ароми) во аеросол. Вдишувате пареа (аеросол). Иако нема катран и јаглероден моноксид, пареата може да содржи други потенцијално штетни материи зависно од квалитетот на течноста. По употребата нема пепел, а мирисот е обично овошен или сладок и бргу исчезнува — појаснува професорот.

Прашањето за безбедноста на состојките во е-течностите е особено актуелно, вели Беќаровски, бидејќи тие со децении се користат во прехранбената и во козметичката индустрија. Но, нивното вдишување директно во белите дробови „е сосема поинаква приказна“, нагласува тој, додавајќи дека токму поради тоа неколку од овие материи остануваат сериозно дискутабилни од здравствен аспект.

Пропилен гликол: Ова е безбојна течност која во е-цигарите служи за „пренос“ на вкусот и го дава специфичното чувство на гребење во грлото кое го бараат пушачите. Општо е прифатен како безбеден за јадење, американската Агеценција за лекови и храна (ФДА) го класифицира како „генерално безбеден“, но при вишување кај некои луѓе може да предизвика иритација на грлото, сува уста или благи алергиски реакции. Иако не е канцероген, долготрајните ефекти од секојдневно вдишување во текот на многу години сè уште не се целосно истражени.

Глицерол: густа течност, најчесто од растително потекло, која е одговорна за создавањето на густите облаци пареа. Широко се користи во храна и во сирупи за кашлица. Ризиците при вдишување се јавуваат бидејќи глицеролот е хигроскопен (апсорбира вода), па затоа може да предизвика дехидрација на слузницата во устата и во грлото. Генерално се смета за ниско токсичен, но има дебати дали прегревањето на глицеролот може да доведе до создавање акролеин (супстанца која ги иритира белите дробови) и е докажано токсична.

Ароми: Ова е најконтроверзниот дел од е-течностите. Проблемот не е во самата арома, туку во нејзиниот хемиски состав кога ќе се загрее. Диацетил е хемикалија која се користи за вкус на путер. Докажано е дека вдишувањето на високи концентрации предизвикува bronchiolitis obliterans – сериозно оштетување на малите дишни патишта. Многу квалитетни производители веќе го исфрлија диацетилот од употреба. Кога одредени ароми (особено слатките и цитрусните) се загреваат на висока температура, можат да се претворат во токсични соединенија како формалдехид и ацеталдехид.

Вејпањето е „поздраво“ од пушењето, но не е здраво

Истражување во 2015 година, спроведено во Велика Британија, заклучува дека електронските цигари се значително помалку штетни од класичните, со проценка дека ризикот е околу 95 отсто понизок во споредба со пушењето тутун.

Истражувањето наведува дека е-цигарите не се целосно без ризик, но носат само „фракција од штетноста“ на цигарите и може да помогнат кај пушачи кои се обидуваат да се откажат.

Понова анализа на повеќе истражувања од 2022 година покажува дека, иако во пареата од е-цигарите има помалку токсични материи отколку во чадот од цигари, механизмите на оштетување се слични.

Експериментите, извршени на животни, покажуваат дека вејпањето може да предизвика воспалителни реакции, оксидативен стрес и оштетување на ДНК.

— Важно е да се разбере дека тоа што е-цигарите се помалку штетни од цигарите не значи дека е-цигарите се здрави или препорачливи за непушачи. Фактот што нема согорување не значи дека нема биолошки ефект. Белите дробови реагираат на хемиски и термички дразби, без разлика дали доаѓаат од чад или од аеросол — нагласува Беќаровски.

Загревањето тутун не може да се смета за здрав производ

Токсикологот Беќаровски објаснува дека уредот за загревање тутун е хибридна технологија која користи вистински тутун, но без да го запали со процес на загревање. Уредот го загрева специјално обработениот тутун на температура до 350 степени. Ова е доволно за да се ослободи никотинот, но не е доволно за да се запали тутунот.

— Вдишувате тутунска пареа (аеросол). Бидејќи нема согорување, нивото на штетни хемикалии е значително намалено (околу 90-95 отсто) во споредба со чадот од цигарите, но сепак не е без ризик. По горењето нема пепел, а мирисот е специфичен (потсетува на печен тутун) и многу помалку се задржува од обичниот чад — објаснува професорот.

Беќаровски додава дека главната причина зошто класичните цигари се силно поврзани со појавата на рак е процесот на согорување на тутунот, при што се создаваат катран и илјадници токсични и канцерогени соединенија. За разлика од нив, овие уреди го загреваат тутунот на значително пониска температура, без класично горење, поради што во аеросолот се регистрираат значително пониски нивоа на штетни хемикалии. Никотинот во пареата сам по себе не се смета за примарно канцероген, туку за супстанца што создава силна зависност и влијае врз кардиоваскуларниот систем.

— Сепак, научната заедница предупредува дека „намалена изложеност“ не значи и отсуство на ризик. ФДА јасно посочува дека загревањето тутун не е безбедно, а дополнителен проблем е недостигот од долгорочни студии бидејќи за развој на рак честопати се потребни две до три децении. Иако количините на токсини се значително пониски, овие уреди сè уште ослободуваат одредени штетни материи присутни во тутунот, а секоја, па и намалена изложеност, теоретски може да доведе до оштетување на ДНК на клетките, процес што претставува прв чекор кон појава на малигни заболувања — вели Беќаровски.

Никотинот е штетен сам по себе

Кардиохирургот Марјан Шокаровски, вели дека опасна заблуда, што сè почесто се пласира во јавноста, е тоа дека постои „побезбедна“ форма на внесување никотин.

— Од медицински аспект, ова тврдење е неточно и потенцијално опасно. Никотинот преставува активен кардиоваскуларен токсин. Тој е моќен симпатикомиметик кој директно го активира автономниот нервен систем, предизвикувајќи тахикардија, покачување на артерискиот крвен притисок и системска вазоконстрикција. Истовремено, никотинот доведува до ендотелна дисфункција, рана и клучна фаза во развојот на атеросклерозата. Овие патофизиолошки механизми се идентични без разлика дали никотинот се внесува преку класични цигари, електронски цигари или преку уреди за загревање тутун. Формата на апликација не го поништува неговото системско дејство — објаснува Шокаровски за „Слободен печат“.

Д-р Марјан Шокаровски Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Од кардиолошки и од кардиохируршки аспект, додава тој, мора да се нагласи дека не постои безбедна доза на никотин за кардиоваскуларниот систем. Дури и повремена или ниска изложеност може да предизвика зголемена артериска ригидност, промени во срцевата електрофизиологија и зголемен тромбоген потенцијал.

— Кај пациенти со постоечка коронарна артериска болест, срцева слабост или аритмии, овие ефекти можат да бидат поттикнувач за акутен коронарен синдром или за животозагрозувачки аритмии. Посебно ранлива група се пациентите со артериска хипертензија, дијабетес мелитус, дислипидемија, хронична бубрежна болест и оние со претходен инфаркт или мозочен удар. Кај нив, никотинот дополнително го нарушува веќе компромитираниот васкуларен интегритет и ја забрзува прогресијата на атеросклерозата — посочува Шокаровски.

И Шокаровски се согласува дека класичните цигари се најштетни поради комбинацијата од никотин, јаглерод моноксид и бројни токсични и канцерогени материи, но тоа што е-цигарите и уредите за загревање тутун содржат помалку од дел од тие токсини, вели тој, не значи дека се безбедни.

Анализа на повеќе истражувања за уредите за загревање тутун (2010-2022 година) од американските Национални институти за здравје, која ги споредува индустриските и независните истражувања, покажува дека, истражувањата, финансирани од производителот на уредите „Ајкос, „Филип Морис интрнешнал“, во најголем дел покажуваат намалена токсичност и ризик во споредба со цигарите. Независните студии, пак, секогаш не ги потврдуваат тие заклучоци и укажуваат на методолошки разлики и недоволно податоци за долгорочна употреба.

ФДА ги класифицираше уредите за загревање тутун како производ со „намалена изложеност“ на штетни материи, објаснува професорот Беќаровски, но истовремено оцени дека нема доволно докази дека производот реално го намалува ризикот од болести на долг рок.

— Намалена изложеност не е исто што и докажано намален ризик од рак или од срцеви заболувања. За тоа се потребни децении — нагласува тој.

Иако електронските цигари и уредите за загревање на тутун се сметаат за „помало зло“ во споредба со класичните цигари, ниеден од овие производи не е целосно безбеден.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот