Некои занаетчии едноставно не можат да не ја вршат дејноста во недела, да се преиспита законското решение бараат скопските занаетчии

Во услови на криза од корона вирусот занаетчискиот сектор се соочува со многу предизвици. Занаетчиската комора Скопје, беше директно вклучена во креирањето на мерките кои ги предложија занаетчиите кои треба во наредниот период да помогнат во справувањето со кризата од коронавирусот.

-Како мерка која се покажа дека е неопходна за многу занаетчиски бизниси да опстанат во услови на економска криза е мерката за финансиска подршка за плата за самостојните вршители на дејност и вработените во занаетчискиот сектор. Доколку не се одобри мерката финансиска подршка за плата многу занаетчии ќе останат без финансии и нема да бидат во можност да ги одржат бизнисите активни во наредниот период и да ги задржат вработените, соопштува Занаетчиската комора Скопје.

Отаму тврдат   дека голем дел од  занаетчиите не можат да аплицираат на бескаматните кредитни линии на Развојна банка на РСМ, поради кризата работеа со загуби и не ги исполнуваат условите за аплицирање на повиците.

-Паушално оданочените занаетчии  се исклучени како можни апликанти во повиците за бескаматните кредитни линии, и тие воопшто не можат да аплицираат. Измената на Законот за ДДВ за намалување на даночната стапка од 18% на 5%, кој беше дел од четвртиот пакет мерки за справување со ковид кризата не беше согласно барањата на занаетчиите, затоа што во измените и дополнувањата влегоа многу мал број занаетчиски дејности кои не се ДДВ обврзници, соопштуваат Занаетчиска комора Скопје.

Претседателот на Занаетчиската комора Скопје – Горан Ристовски, истакна дека сите занаетчиски дејности имаат проблеми во функционирањето, еден од долгогодишните проблемите со кои се соочува занаетчискиот сектор е сивата економија која што претставува реален проблем на легално регистрираните занаетчии. Само со координирани конкретни активности кои ќе се превземат од надлежните институции , формализација на нерегистрирано вршење на дејност, и конкретна стратегија за намалување на сивата економија  ќе доведе  до конкретни резултати.

-Во однос на законското решение за недела како неработен ден доставено е мислење до надлежните институции за занаетчиски дејности кои едноставно не можат да не ја вршат дејноста во недела поради природата и видот на услугите кои ги вршат. На пример фотографи, козметичари, фризери, цвеќари, забавни игри и други занаетчиски дејности вршат дејност и во недела, затоа што побарувачката на нивните производи и услуги го диктира денот недела како неопходен за вршење на дејност. Засегнати се и занаетчиите кои вршат пекарска, слаткарска дејност, кетеринг услуги и достава на храна затоа што треба да влезат во листата на дејности кои согласно новото законско решение ќе можат да вршат дејност и во недела, соопштуваат од Занаетчиската комора Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот