Не ангажиравме изведувачи и фирми за звук и светло за новогодишната прослава, велат од Град Скопје

Скопје Нова година/ Фото EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Од Град Скопје, по денешните наводи од СДСМ дека Градот ја ангажирал компанијата на кандидатот за градоначалник на Левица, Петар Георгиевски – Камиказа за озвучување на новогодишната прослава, велат дека изведувачите, озвучувањето и осветлувањето не се ангажирани од Град Скопје.

– Ги повикуваме советниците на СДСМ од Град Скопје да престанат со континуираните секојдневни напади и политички пресметки и наместо да се занимаваат со конструкции и шпекулации, за настани кои немаат никакви финансиски импликации на работата на градот да ја насочат својата енергија кон конструктивни идеи за проекти што ќе значат подобар живот на скопјани, додаваат од Град Скопје.

Од Градот велат дека концептот на прослава на Нова година со македонски изведувачи се покажал како успешен и дека тој ќе биде дел од следните новогодишни прослави, со целодневна програма и со значително помалку средства од што досега биле користени од градскиот буџет за оваа намена.

– Како компарација ќе наведеме дека само за 2020 година биле планирани околу 140 илјади евра за настап на две групи, една од Косово и една од земјава. Претходната 2019 со Дино Мерлин се потрошени над 154 илјади евра средства од градскиот буџет под сомнителни околности за што веќе Комисијата за справување со корупција има отворено случај за злоупотреби.

Оваа година, како што велат од таму, токму поради потрошениот буџет од претходното раководство и лошото планирање, Градот Скопје беше ставен пред голем предизвик дали воопшто ќе може да се организира прослава за новогодишната ноќ.

– Прославата беше овозможена поради активирањето на неколку општествено одговорни компании што се понудија да ја организираат манифестацијата. Средствата за дочекот се директно платени на изведувачите и Градот Скопје нема никакви финансиски импликации од новогодишната прослава на градскиот плоштад, се вели во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот