Навивачите на Њукасл во еуфорија, со новиот газда доаѓаат нов тренер и пет екстра засилувања

Фановите на Њукасл со нетрпение ги очекуваат првите засилувања откако клубот ќе го презеде саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман/ фото: EPA/LINDSEY PARNABY

Навивачите на Њукасл се во еуфорија откако од вчера повеќе нема никакви препреку клубот да го купи саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман кој веднаш екипата да ја направи претендент за титулата.

По преземањето на Њукасл од страна на саудискиот принц ќе следи реновирање на екипата и првата промена ќе биде на клупата. Актуелниот менаџер Стив Брус нема да го предводи тимот, а желба на луѓето блиски до саудискиот принц е нов менаџер да биде Брендан Роџерс кој моментно седи на клупата на Лестер, а се почесто се споменува и името на Антонио Конте кој по освојувањето на титулата во Серија А си замина од Интер.

Брендан Роџерс е главен фаворит за клупата на Њукасл/ фото: EPA-EFE/Adam Davy

Што се однесува до засилувањата во играчкиот кадар, англиските медиуми најавуваат дека нема да има големи трансфери во зимскиот преоден рок, туку тоа ќе се случи идното лето и на „Сент Џејмс Парк“ се очекува да пристигнат пет или шест звучни имиња.

Првото име е тоа на Арон Ремзи кој падна во втор план во Јувентус со враќањето на клупа на Масимилијано Алегри. Јувентус е подготвен да го пушти Ремзи да си замине за симболично обесштетување од два-три милиони евра за да заштедат на неговата плата која изнесува седум милиони евра.

Бејл треба да биде главната ѕвезда на новиот Њукасл/ фото: EPA-EFE/Peter Dejong

Второ име кое се поврзува со трансфер во Њукасл е тоа на играчот на Манчестер јунајтед, Дони ван де Бек. Холандскиот репрезентативец е незадоволен од статусот во Јунајтед каде ретко добива шанса да игра, и во изминатиот период неговото име се споменува со евентуален трансфер во Евертон. Но, со новиот газда Њукасл ќе може да му понуди подобри услови и за очекување е идното лето Ван де Бек да потпише за тимот од „Сент Џејмс Парк“.

Бубакар Камара од Олимпик Марсеј е виден како решение во дефанзивниот дел од средниот ред. Неговиот договор со Марсеј истекува на лето, а тимот е подготвен уште во јануари да го продаде.

Нов напаѓач треба да биде Андреа Белоти од Торино
.Белоти одби да го продолжи договорот со Торино по што управата на „биковите“ е подготвена во јануари да го пушти за само пет милиони евра бидејќи договорот му истекува на крајот од сезоната.

Одбраната се очекува да биде освежена со младиот и талендиран дефанзивец Максенс Лакроа од Волфсбург за кого интерес пројавува и Челси.
Главна ѕвезда во новиот тим на Њукасл треба да биде Герет Бејл за кого се подготвува богата понуда.

 

Видео на денот