Научници во ЕУ и САД развиваат роботи пчели поради исчезнувањето на опрашувачите
Научници низ Европа и САД експериментираат со роботи пчели со цел да им помогнат на сè помалубројните природни опрашувачи, во обид да понудат решение за еден од најсериозните еколошки проблеми на денешницата. Наместо да ги заменат пчелите, идејата е микророботите да ѝ помагаат на матицата – клучната фигура за опстанокот и размножувањето на колонијата, пишува „Еуроњуз“.
Препорачано
На Универзитетот во Грац, Австрија, истражувачи вклучени во проектот „РобоРојал“ (RoboRoyale), финансиран од Европската Унија, тестираат микророботи кои би можеле да ги зајакнат пчелните заедници преку директна поддршка на матицата. Планот предвидува роботите да ја хранат, чистат и негуваат матицата, како и да помогнат во рамномерна дистрибуција на нејзините феромони во кошницата.
Раководителот на проектот, Фаршад Арвин, чија работа ја координира Универзитетот во Дурам заедно со партнери од Чешка и Турција, нагласува дека целта не е замена на пчелите, туку прилагодување на новата реалност.
Тој предупредува дека климатските промени ја надминуваат способноста на пчелите да се адаптираат. Кратките топли периоди во зима можат да ги наведат пчелите да се однесуваат како да е пролет, што може да има катастрофални последици за кошницата доколку потоа следи нагло заладување. Во вакви ситуации, роботите би можеле да дејствуваат како дополнителна поддршка и да спречат целосно угинување на колонијата.
Слични истражувања се спроведуваат и во САД. На Институт за технологија на Масачусетс (MIT), инженерот Ји-Сјуан Сјао развива роботи со големина на инсект, наменети за опрашување земјоделски култури. Овие минијатурни дронови, полесни од спојка за хартија, можат да летаат со брзина до два метра во секунда и да останат во воздух повеќе од 1.000 секунди.
И покрај технолошкиот напредок, истражувачите потенцираат дека роботите не треба да ги заменат пчелите, туку само да ги надополнат. Сепак, критичарите предупредуваат дека ваквите решенија не смеат да го одвлечат вниманието од подлабоките промени потребни во земјоделството и односот на човекот кон природата.
Претставничката на еколошката организација „Билајф“ (Beelife), Синди Адолф, истакнува дека технолошките иновации не смеат да станат изговор за игнорирање на корените на проблемот.
Во меѓувреме, пчеларите низ Европа сведочат за драматичен пад на бројот на пчели. Клаудија Фернандес Гутијерез, пчеларка од Северна Шпанија, за „Еурактив“ вели дека кошниците од година во година се сè попразни.
„Сè помалку пчели преживуваат. По зимата, многу од нив се мртви. Тешко опстојуваат поради нестабилните временски услови“, изјави таа.
Според неа, климатските промени се важен фактор, но не и единствената причина за намалувањето на опрашувачите. Голема штета предизвикува и паразитот вароа, како и инвазивниот азиски стршлен, кој дневно може да изеде и до 50 пчели. Дополнителен проблем се и пестицидите, поради што Европската Унија воведе мерки како забрана за увоз на храна што содржи остатоци од неоникотиноиди – хемикалии исклучително штетни за пчелите.
Научниците со години предупредуваат на драматичниот пад на бројот на опрашувачи, кои се клучни за екосистемите и за глобалното производство на храна. Иако земјите членки на ЕУ до декември 2026 година мора да воспостават нов систем за следење на видовите опрашувачи, запирањето на негативниот тренд останува еден од најголемите предизвици.


