НАСА со важно откритие за вселенските истражувања: Водата на Месечината е благослов за лунарна база и лет до Марс

Фото: EPA-EFE/NASA/Goddard/University of Arizona / HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

На Месечината, секако, нема океани ни мориња, но анализи на телескопски снимки потврдија дека вода во молекуларна форма има и на осончената површина, а не само во мали реони околу Јужниот Пол, на падини на кратери што се под постојана сенка. Водата, дури и во таква молекуларна форма, е неопходниот ресурс за изградба на постојани бази со персонал, кои би овозможиле понатамошни истражувања и експлоатирање на другите ресурси на Месечината, но и би ја направиле попатна станица за поамбициозни мисии, пред сѐ за испраќање вселенски брод со екипаж до Марс.

– Првпат е потврдено дека вода е присутна и на осончената површина на Месечината. И досега имавме индикации, но сега сигурно знаеме дека ја има. Ова откритие го надградува нашето познавање на лунарната површина и отвора можности за користење суровини за истражувања на подлабоката вселена – изјави Пол Херц, директор на одделението за астрофизика при Директоратот за вселенски мисии на НАСА.

Телескоп на џамбоџет

Молекуларната вода на површината на Месечината е пронајдена со помош на телескопот „СОФИЈА“ и на леталото „Реконесенс“, кое орбитира околу сателитот веќе 11 години. Откритијата се објавени во две студии во журналот „Нејчр астрономи“. Телескопот „СОФИЈА“, со дијаметар од 2,7 метри, е специфичен затоа што е монтиран на модификуван џамбоџет. Со овој систем била проучувана површината на Месечината во 2018 година, кога авионот летал на височина од 15 километри над Земјата, во зона од атмосферата без облаци, па ни воздух, кои го попречуваат видикот кон небото. Тоа, всушност, бил пробна мисија, чија главна цел била да се утврди дали таквиот телескоп функционира добро. „Случајното“ откритие од пробниот лет веќе поттикна планови за нови летови, на кои попрецизно би се утврдиле областите со најголеми концентрации вода.

– Количеството вода е приближно еквивалентно на литар на секои три кубни метри од лунарната површина – појаснува Кејси Хонибал, коавторка на студијата. Таа додава дека сѐ уште не е прецизно јасно колку оваа вода би била достапна за експлоатирање од идните истражувачи.

Астрономска цена на водата

НАСА неодамна објави дека во 2024 година ќе испрати вселенски брод со екипаж до Месечината. По половина век од последната мисија со екипаж, првите стапки на Месечината ќе ги направи жена. А, тоа само ќе биде подготовка за следниот „голем скок“ до првите стапки на Марс, до крајот на идната деценија.

Водата е клучен ресурс за изградба и одржување на вонземна база, но и како гориво за вселенските бродови. Иако ја има во изобилство на Земјата, во вселената водата има астрономска вредност. Испраќање шише од половина литар вода до астронаутите во вселената, на пример, чини помеѓу 9.300 и 43.000 долари, во зависност од мисијата, големината на леталото и моќта на потисната ракета. Грубо пресметано, врз основа на проценетата содржина на молекуларна вода на површината на Месечината, секој кубен метар би содржел вода вредна од 6.000 до 29.000 долари.

Правејќи споредба, НАСА истакнува дека песочните дини на пустината Сахара содржат приближно стопати повеќе вода отколку лунарната пустина. Но, водата сепак може да се искористи, зашто молекулите се во грутките, заштитени од суровите услови и радијацијата.

Ефикасен систем за нејзино преработување значително би ја зголемил капацитетот на корисниот товар на вселенските летала, бидејќи количеството вода за екипажот и за системите, како и ракетно гориво би било потребно само за до Месечината, каде што би се долеало во резервоарите.

Осум партнери во проектот „Артемис“

Освен за астронаутите, откритието е важно и за астрономите, кои проучуваат од каде потекнува водата на Месечината. Се претпоставува дека водород од соларниот ветер во хемиска реакција се врзал со кислород од минералите од површината во хидроксил, кој под физички удар од микрометеорити се претворил во вода, каква што ја познаваме и на Земјата. Прашања на кои засега нема одговори се како точно водата се создава, како се движи и како се врзува за минералите. Одговорите ќе им овозможат на астронаутите да развијат најефикасни технологии и алати за експлоатирање на водата и за нејзино приспособување за секојдневните потреби за идната база или за гориво за леталата.

НАСА во мај годинава ги потпиша договорите „Артемис“ за соработка при истражување на Месечината  со осум земји – САД, Австралија, Канада, Јапонија, Луксембург, Италија, Обединетото Кралство и Обединетите Арапски Емирати. Целта на билатералните договори е „да се овозможи оперативно спроведување на обврските содржани во Договорот на Обединетите нации за вонземни истражувања.

Главните принципи на „Артемис“ се сите активности да бидат мирољубиви и во склад со меѓународните закони, обврска за транспарентност на активностите и споделување на научните информации, заложба за создавање нови стандарди за вселенска инфраструктура, зачувување на „вонземното наследство“, одржливо експлоатирање на ресурсите и немешање во сродните активности на вселенски мисии на други земји.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот