Највисокиот човек на светот Султан Косен на венчавката со Мерве/Фото: Nazmi Akyol / AFP / Profimedia

Највисокиот човек на светот Султан Косен првпат откри зошто сопругата го напуштила

Највисокиот човек на светот, Султан Косен (43), во новиот документарец проговорил за причините за распадот на неговиот брак, признавајќи дека разводот го скршил. Косен, кој е висок неверојатни 251 см, се развел од својата сопруга Мерве Диболт, висока 168 см, во 2021 година, а деталите за крајот на нивната љубовги открил во документарецот на Канал 4 „Највисокиот човек на светот: Следното поглавје“ (The World’s Tallest Man: The Next Chapter), пишува британски „Метро“.

Љубов на прв поглед и свадба за 1.500 гости

Турскиот рекордер, кој веќе 17 години држи Гинисов светски рекорд, се оженил со Мерве од Сирија во 2013 година. Тој тврди дека „многу ја сакал“ и дека неговиот животен сон е да најде партнерка и да основа семејство. На раскошната венчавка со 1.500 гости, изјавил: „Штом ја погледнав в очи, знаев дека тоа е љубов“.

Мерве во тоа време имала само 20 години, а само неколку месеци по свадбата почнале да кружат гласини за проблемите во бракот. Султан, заедно со сопругата, се појавил пред медиумите за да ги демантира шпекулациите.

– Постојано ми се јавуваат, пет, шест луѓе секој ден. Прашуваат: „Дали е вистина? Дали сопругата те напуштила?“ Мојата сопруга никаде не отиде. Сакам сите да видат, мојата сопруга е тука“, рекол тој тогаш. Мерве додала: „Нема во тоа ниту трошка вистина. Сакам да останам со него до крајот на животот. Да, јас сум најсреќната жена на светот.“

Развод по осум години

Меѓутоа, бракот не траел. Султан, кој страда од гигантизам и акромегалија предизвикани од тумор на хипофизата, во новиот документарец открил дека се развеле во 2021 година. Притисокот поради неговата здравствена состојба, семејните односи и животот под постојаното внимание на јавноста станал преголем.

– Едноставно не можевме да продолжиме понатаму. Мојата сопруга го избра своето семејство. Се разведовме. Нашата среќа не траеше долго – објаснил тој тажно.

Гледајќи ги фотографиите од свадбата, тој признал колку тие спомени го болат.

– Кога размислувам за тоа, ме обзема тага, бидејќи сето тоа многу ме повреди, а јас многу ја сакав. Станувам емотивен кога ги гледам овие фотографии. Многу ми е жал – рекол тој.

Живот со гигантизам и надеж за нова љубов

Султан, кој потекнува од земјоделско семејство со просечна висина, вели дека наоѓањето нова партнерка би го направило „најсреќниот човек на светот“, но не е сигурен дали тоа некогаш ќе се случи. Поради гигантизмот, тој зависи од инвалидска количка и патерици од 25-годишна возраст, а поради притисокот врз колената трпи од „постојана болка“ . Тежок е повеќе од 165 килограми и има проблеми со движењето. Со текот на годините претрпел три операции на ногата и три операции на мозокот за да ги контролира симптомите на растот.

– Кога би можел да променам нешто во мојот живот, би ги променил само колената. Би сакал да можам повеќе да трчам, да одам и да патувам – искрено рекол Султан.

– Султан можеше да биде посреќен. Тој секогаш го поминува слободното време на компјутер. Но, ако најде девојка, во неговиот живот би можело да има и други работи – додал во документарецот неговиот брат Хасан.

Сепак, кога го прашале дали тоа ќе се случи, Султан одговорил во свој стил, шегувајќи се: „Многу сум грд. Да бев згоден, веќе ќе најдев некого.“

 

ФОТО | Се сретнаа најниската жена и највисокиот маж на светот: Голема е колку неговиот чевел

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот