ВИДЕО | Најслушаните песни на Јутјуб: Еве што најмногу слушаат Македонците

Британскиот портал „Либерти гејмс“ ја објави листата со најслушаните изведувачи и песни, засебно за секоја држава од светот, на Јутјуб во последните 12 месеци.
Најслушана во светот е индиската пејачка Алка Јагник, со 14,8 милијарди стримови на Јутјуб. На второ место се наоѓа порториканскиот рапер Бед Бани со 14,1 милијарди стримови. Исто така, Бед Бани е најпопуларен изведувач во 17 држави, претежно во Јужна Америка. На третото место се најде Удит Нарајан, исто така индиски пејач.
Корејските групи Би-ти-ес и Блекпинк се изведувачи со најголем број претплати на Јутјуб.
Што се однесува до песните, најслушана е „Saami Saami“ на индиската пејачка Суниди Чаухан. На второ место се најде „We Don’t Talk About Bruno“ од филмот „Encanto“. Третата позиција ѝ припадна на „Cê Tá Preparada“, која ја изведуваат бразилските пејачи Тајроне и Марилиа Мендонса.
Во нашиот регион, поточно во Хрватска, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и Словенија, најслушан е босанскиот рапер Јала Брат. Најслушана песна во овие држави, со исклучок на Словенија, е „Roze“, во изведба на Јала Брат, Буба Корели и Девито. Во Словенија, најслушана песна е „Lučke“ на Би-кју-ел.
Во Македонија, најслушан изведувач е српскиот рапер Војаж, а најслушана песна е „Hajde“ на турбофолк пејачката Теа Таировиќ.