Путин не го ферма примирјето на Зеленски – Русија ја нападна Украина со дронови
Од Москва немаше официјален знак дека ќе го почитува прекинот на огнот на Киев, а постоеше малку надеж за пауза на непријателствата додека војната навлегува во својата петта година по сеопфатната инвазија на Русија врз својот сосед
Русија денеска истрела десетици дронови врз Украина, игнорирајќи го едностраниот прекин на огнот објавен од Киев, кој започна оваа полноќ, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Руското Министерство за одбрана тврди дека Украина не го почитувала сопствениот прекин на огнот, наведувајќи дека воздушната одбрана соборила 53 украински дронови над руските региони, незаконски анектираниот полуостров Крим и Црното Море.
Петмина загинаа во напад со украински дрон врз градот Џанкој на Крим, соопшти гувернерот поставен од Русија, Сергеј Аксјонов. Тој ги пријави жртвите веднаш по полноќ, иако објави за самиот напад повеќе од 90 минути претходно.
Москва не даде знак дека ќе го почитува примирјето
Од Москва немаше официјален знак дека ќе го почитува прекинот на огнот на Киев, а постоеше малку надеж за пауза на непријателствата додека војната навлегува во својата петта година по сеопфатната инвазија на Русија врз својот сосед. Дипломатските напори предводени од САД за запирање на војната во изминатата година не вродија со плод.
Во вторникот, руските напади со дронови и ракети врз Украина убија 27 луѓе, а ранија 120 други, сите цивили, според украинскиот министер за внатрешни работи Ихор Клименко. Војната досега однесе животи на повеќе од 15.000 цивили, според податоците на Обединетите нации.
„По вчерашните брутални напади врз нашите градови и заедници, руската армија продолжи со активни непријателства и со терористичко гранатирање и во текот на овој ден. Изборот на Русија е очигледно презирање на прекинот на огнот и на спасувањето животи“, објави вчера украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалната мрежа „Икс“.
И покрај отворената суспензија на непријателствата од страна на Киев, Русија продолжи со гранатирање, користејќи воздушни напади со беспилотни летала и со моќни наведувани бомби, и се обиде да ги пробие украинските одбранбени линии на фронтот, рече Зеленски.
„Русија мора да ја прекине војната што ја води во моментов. Руската страна ги има нашите дипломатски предлози и единственото треба Русија да е спремна вистински мир“, рече тој, повикувајќи ја Москва да ја прекине својата инвазија.
Војната продолжува, руската армија бавно напредува
Војната во Украина интензивно продолжува долж фронтот од 1.250 километри, каде руската армија остварува бавен и скап напредок наспроти силната украинска одбрана со беспилотни летала. Иако претседателот Володимир Зеленски прогласи еднострано примирје, како одговор на руската најава за пауза по повод 81-годишнината од победата над фашизмот, Москва целосно го игнорираше овој гест.
Наместо затишје, руските сили извршија масовен ноќен напад со 108 беспилотни летала и со три ракети. Министерот за надворешни работи, Андриј Сибиха, истакна дека овој чин ја разоткрива неискреноста на Кремљ, обвинувајќи го Путин дека му дава приоритет на воените паради пред човечките животи. Според украинските власти, ваквите краткотрајни прекини на огнот од страна на Русија, често темпирани за празници како Велигден или 9 мај, не даваат реални резултати поради длабоката недоверба.
Европските претставници го пофалија потегот на Киев како чекор кон мировно решение, но, сепак, ситуацијата на теренот останува критична. Како одговор на континуираната агресија, украинската дипломатија повикува на засилен меѓународен притисок врз Москва преку нови санкции, целосна дипломатска изолација и преку итна воена поддршка за одбрана на земјата.
ВИДЕО | Украина ја нападна Русија со дронови и со „фламинго“


