На огласот на ЕСМ за набавка на мазут за топланите не стигнала ниту една понуда
Ниту една понуда не била доставена на јавниот повик на ЕСМ Производство на топлина за набавка на резерви за алтернативно гориво – мазут за 15 дена работење на топланите, што беше објавен на последниот ден од декември и заврши на 8 јануари, кога беше најавено јавното отворање на понудите. Од ЕСМ велат дека работат во насока да се изнајде соодветно решение.
Оттаму ибјаснуваат дека топланите со кои управува ЕСМ Производство на топлина ДООЕЛ Скопје користат исклучиво природен гас како примарно погонско гориво во процесот на производство на топлинска енергија и така ќе се продолжи и во иднина.
Вршителот на дејноста производство на топлинска енергија има законска обврска да обезбеди оперативни резерви од алтернативно гориво во количина којашто е потребна за најмалку 15 дена работа со максимален капацитет согласно лиценцата, со цел да обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано производство на топлинска енергија. Токму затоа, ЕСМ Производство на топлина, поради законската обврска, објави јавен повик за доделување на рамковна спогодба за набавка на резерви за алтернативно гориво-мазут за 15 дена работење на топланите најмногу до 11.000.000 kg – се вели во соопштението на компанијата.
Огласот беше јавно објавен на интернет страницата на АД ЕСМ www.elem.com.mk и во две јавни гласила. Како што велат од ЕСМ, согласно објавениот оглас, друштвото планира да додели рамковна спогодба со избраниот добавувач, односно го задржува правото да набавува количини на мазут согласно тековните потреби, односно да не набави воопшто доколку се покаже за непотребно. Во техничките спецификации за предметот на набавка во тендерската документација е дефиниран стандардот кој мазутот треба да го задоволува, согласно барањата на домашната регулатива, како и индикативните количини кои би биле потребни за максимален режим на работа на топланите за 15 дена.