На неговиот роденден: Целосната библиотека на Чарлс Дарвин претставена на јавноста
Ќе бидат потребни 300 страници за да се наведат илјадниците книги, списанија, памфлети и написи што познатиот натуралист Чарлс Дарвин ги имал во својата библиотека. Во пресрет на 215-годишнината од раѓањето на почитуваниот натуралист, каталогот бил комплетиран и претставен на јавноста, пишува „Гардијан“.
Препорачано
Инаку, биле потребни речиси две децении макотрпна работа да се најдат илјадниците книги, списанија, памфлети и статии од библиотеката на натуралистот.
Џон ван Виј, академик кој ја предводел оваа огромна акција, изјави дека резултатот од проектот го покажува извонредниот обем на истражувањето на Дарвин за работата на другите.
„Тоа, исто така, покажува колку Дарвин бил лудо еклектичен. Постои огромно ‘море’ од нешта што би можеле да бидат исечоци од американските или германските весници за патки или скакулци. Тоа беше забавниот дел, не книгите, туку другите работи… кои сите се собраа за да ги создадат теориите и публикациите што сите ги знаеме“, рече Ван Виј.
Каталогот од 300 страници, објавен од „Дарвин онлајн“, содржи 7.400 наслови, вклучувајќи списанија, памфлети и рецензии.
Некои од книгите датираат од училишните денови на Дарвин, како што е „Историја на Англија“ на Оливер Голдсмит, која ја добил како награда.
Претходните пописи на Дарвиновата библиотека покриваа само околу 15 проценти од она што всушност било во неа, нагласи Ван Вај. Новиот список покажува дека познатиот натуралист имал книги за многу области на науката и за различни теми, вклучувајќи биологија, геологија, филозофија, психологија, религија, земјоделство, уметност и историја.
Повеќе од половина од делата се на англиски јазик, а останатите на германски, француски, италијански, шпански, холандски и дански. Така, меѓу материјалите на Дарвин е и германско списание кое ја содржи првата позната фотографија од бактерии.
Проектот вклучува виртуелна реконструкција на библиотеката, со 9.300 бесплатни линкови до делата.
Никој, велат обожавателите на делото на Чарлс Дарвин, не влијаел на нашето знаење за природниот свет повеќе од тој. Неговото најпознато дело од 1859 година, „За потеклото на видовите“, изложи теорија која објаснува како еволуирал животот на Земјата. На неа се гледа како на книга што го промени светот.


