На денешен ден – 24 ноември

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

1632.- Во Амстердам е роден Барух Спиноза, холандски филозоф, материјалист, од еврејско потекло. Во познатото дело „Етика“ строго рационалистички го изложува своето учење според кое Бог и природата се идентични, а светот бесконечен. Познати му се и делата „Теолошко-политички трактат“ и „Политички трактат“. Умре во Хаг, на 21 февруари 1677 година.

 

1642.- Холандскиот морепловец Абел Јансон Тасман го откри островот Ван Дименова Земја, кој се наоѓа јужно од Австралија. Островот подоцна во негова чест е наречен Тасманија.

Александар Васиљевич Суворов

1729.- Роден е рускиот генералисимус Александар Васиљевич Суворов, еден од најголемите војсководци на 18. век, под чија команда руските трупи извојуваа 57 победи. Во Руско-турската војна од 1787 до 1791 година имаше блескави победи над Турците, а потоа во борбите на Русија против Франција особено се прослави со освојувањето на северна Италија и преминот преку Алпите на враќање за Русија, со што ги вчудоневиди воените кругови во Европа. Низ воената наука ги проучува математиката, географијата и историјата. Многу придонесува во издигнувањето и воспитувањето на руските војници. Кон крајот на 1779 година е наименуван за врховен царски заповедник. Во Советскиот Сојуз во 1942 година е воведен орден „Суваров за високи војнички заслуги“.

1833.- Во Нови Сад е роден Јован Јовановиќ – Змај, српски писател, преведувач, новинар, академик и лекар. Главни негови дела се „Пејанија“, „Трендафилчиња“ и „Свенати трендафилчиња“. Умре во Сремска Каменица, на 3 јуни 1904 година.

1859.- Објавена е епохалната книга на англискиот природонаучник Чарлс Дарвин „Потекло на видовите“ во која е изложена теоријата на еволуцијата.

1861.- Роден е германскиот лекар Аугуст Карл Густав Бир, пионер на модерната хирургија. Неговиот пронајдок „лумбална анестезија“ прво го испробал на себе.

1864.- Роден е Анри Тулуз-Лотрек, француски сликар и графичар, голем мајстор на литографијата. Се ограничи речиси исклучително, на сцени од ноќниот живот на Монмартр во Париз. Ликовите се насликани без ни малку сентименталност, сугестивни, но без иронија и со остра карактеризација на ликовите. Неговите дела имаат висока уметничка вредност и претставуваат незаменлив општествен документ. Умре на 9 септември 1901 година.

Анри Тулуз-Лотрек и неговите слики

1936.- Германија и Јапонија го потпишаа таканаречениот Антикоминтерна пакт, кој потоа го потпишаа Италија, Манџуко, Унгарија, Шпанија и Албанија. Под фирмата на овој пакт фашистичките земји го подготвуваа военополитичкиот сојуз, кој е санкциониран во 1940 година како “Троен пакт”.

1944.- Во ослободеното Скопје, само десетина дена откако стивнаа последните улични борби, основан е првиот симфониски оркестар на денешната Македонска филхармонија. Имено во домот на Тодор Скаловски група музички вљубеници, од кои некои се уште беа во партизански униформи, го формираа симфонискиот оркестар. На таа средба присуствуваа Васил Ѓаконов-Шпато, Тодор Календаров, Петар Трајков, Стефан Кралев, Александар Шалев, Фрањо Млчок, Херман Зип, Петар Симоновиќ и Душан Парлиќ.

1963.- Два дена по атентатот во Далас врз претседателот на САД Џон Кенеди, мафијашот Џек Руби го усмрти пред полициска станица осомничениот атентатор Лиј Харви Освалд. Атентатот во Далас остана мистериозен.

Џек Руби го убива атентаторот на Кенеди, Ли Харви Освалд

1974.- Претседателите на САД и на Советскиот Сојуз, Џералд Форд и  Леонид Брежњев, во Вашингтон постигнаа привремен договор за ограничување на офанзивното стратешко нуклеарно оружје.

1976.- Во земјотресот кој го разруши градот Муради во источна Турција загинаа околу 5.300 луѓе.

1985.- Во Скопје умре Љубен Лапе, редовен член на МАНУ и редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Македонската научна и културна мисла загуби еден од нејзините двигатели и основоположници на македонската историографија и архивистика. Тој е еден од основачите на Филозофскиот факултет во Скопје и пионер на просветата во Македонија. Обемното дело на академикот Љубен Лапе го сочинуваат околу 200 научни трудови. Роден е во Прилеп, на 11 октомври 1910 година.

1992.- Во најголемата забележана несреќа во историјата на цивилното кинеско воздухопловство, падот на авионот „боинг 737“ на југот на Кина не го преживеа никој од 141 патник и членови на екипажот.

1994.- Во Скопје е отворена Амбасадата на Руската Федерација.

2000.- Во Загреб, Република Македонија ја парафира Спогодбата за стабилизација и асоцијација на Република Македонија се земјите од Европската унија.

2003.- Во пожар во студенски дом на Универзитетот „Патрис Ламумба“ во Москва, на кој студираат главно странци, загинаа 42 лица, повеќето студенти од Кина, Бангладеш, Виетнам и неколку африкански земји.

Пожар во студенскиот дом на Универзитетот „Патрис Ламумба“ во Москва, 2003 година

2004.- Умре британскиот книжевник Артур Хејли, чии романи се преведени на 38 јазици и објавени во 40 земји. Дела: „Аеродром“, „Преоптовареност“, „Детектив“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот