Тимчо Муцунски / Фото: Фејсбук

Муцунски: Политиката ги тргна рацете од историската комисија меѓу Македонија и Бугарија

Според Муцунски, ако ја коментира изјавата на Димитров, ќе ја постигнел целта што тој ја посакува, а тоа е политизирање на процесот.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски не сакаше да ја коментира изјавата на копретседавачот на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија, Ангел Димитров, кој рече дека работата на Комисијата е блокирана. Според Муцунски, ако ја коменитира изјавата на Димитров ќе ја постигнел целта што тој ја посакува, а тоа е политизирање на процесот.

Шефот на македонската дипломатија вели дека политиката нема право да се меша во академската слобода, а членовите на историската комисија треба да дебатираат и ако успеат да дојдат до некакви заклучоци да го водат процесот низ призма на своите научни познавања.

„Политиката ги има тргнато рацете од кога Владата ја предводи премиерот Мицкоски и откако јас сум министер за надворешни работи и надворешна трговија. Ниту имаме направено притисок ниту влијание, што за жал се случуваше во минатото за што има сведоштва од членовите (на комисијата) во тоа време. Доколку навлезам во коментирање на тоа што го кажал господинот Димитров, а верувајте имам личен став како човек по однос на многу работи што ги кажа тој во последниот период, веројатно ќе ја постигнам целта што и тој ја посакува, а тоа е да го политизираме тој процес“ изјави Муцунски на денешната прес-конференција.

Иако веројатно постојат различни толкувања за одредени состојби на двете страни од границата, Муцунски повтори дека академските претставници независно ги воделе разговорите.

„Ние не смееме никако да им ставаме какви било притисоци ниту со наше толкување на фактите ниту да им воспоставуваме какви било временски рамки, тие имаат слобода да работат како што мислат најдобро“, рече тој.

Димитров пред два дена изјави дека работата на Комисијата е во застој и е блокирана, како и дека Комисијата е еден вид алиби во моменталните комплицирани односи меѓу двете држави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот