Ивајло Калушев / Фото: Труд.бг

Нови детали од трагедијата во бугарскиот култ: лидерот се движел со запалени панталони, што е најдено во неговата крв?

Бугарското обвинителство и МВР презентираа дополнителни сознанија за случаите кај Петрoхан и кај Околчица, повторија дека истрагата е сè уште активна и дека се спроведуваат дополнителни вештачења, вклучително и психолошки и психијатриски анализи за да се разјаснат мотивите и редоследот на настаните, пишува „Новините“.

Обвинителката Наталија Николова изјави дека досегашните докази упатуваат на самоубиство во случајот кај Петрoхан и на убиство проследено со самоубиство кај Околчица. Таа нагласи дека овие заклучоци се темелат на досега утврдените факти и дека ќе бидат преиспитани доколку се појават нови околности.

Според неа, нема информации што укажуваат на присуство на регрутиран или на активен таен агент меѓу починатите, а обвинителството е решено да спречи политизација на случајот и строго да се придржува до владеењето на правото.

Истражителите повторно потврдија дека во ноќта кога загинаа Пламен Статев, Ивајло Иванов и Дечо Илиев, во планинарскиот дом кај Петрoхан немало други луѓе. Надзорните камери, вкупно шест, целосно ги покривале пристапните патишта до објектот, вклучително и пристапниот пат, шумскиот дел, влезот и паркингот.

Дел од камерите се активирале само при движење, додека други биле оштетени или уништени за време на пожарот, поради што дел од снимките не можеле да се вратат.

Човекот што ги најде мртвите членови на култот заминал од Бугарија: Кој е „Мексиканецот“, чиј татко бил ловец на шпиони?

Што покажуваат новите објавени видеа?

Новите објавени видеоснимки, направени меѓу 31 јануари и 2 февруари, го прикажуваат Ивајло Калушев како пристигнува во домот на 31 јануари, каде што го пречекуваат тројцата мажи кои подоцна беа пронајдени мртви. На снимките се забележуваат и АТВ-возила што поминуваат по патот, но продолжуваат без запирање.

По 17:50 часот на 1 февруари не е регистриран никаков друг сообраќај или присуство на други луѓе. Истражителите прикажаа и видео од избувнувањето на пожарот во 20:04 часот на 1 февруари којшто започнал во подрумот и се проширил нагоре. На снимката се гледа светилка што се движи низ објектот, а се забележува и Ивајло Иванов како се движи со запалени панталони.

Властите го опишаа ова како последниот забележан момент на тројцата мажи во живот.

Камерите го документирале и пристигнувањето на Дејан Илиев, кој ги открил телата на 2 февруари во 10:59 часот, по што, неколку часа подоцна, пристигнале екипи на МВР и специјални полициски единици.

Надлежните соопштија дека електричната ограда околу имотот била недопрена и дека немало траги од насилно влегување, возила или лица што влегле во периметарот пред доаѓањето на полицијата.

Што покажуваат форензичките наоди?

Форензичките наоди покажуваат траги од барут на рацете на Пламен Статев и Дечо Илиев, додека на облеката на Ивајло Иванов, исто така, биле детектирани барутни честички, иако на неговите раце имало траги од крв.

ДНК од сите тројца мажи била пронајдена на оружјето најдено на местото на настанот.

Иванов имал смртоносна прострелна рана во слепоочницата, а Статев и Илиев, исто така, биле застрелани во слепоочницата. Во случајот кај Околчица, барутни траги биле откриени кај Ивајло Калушев и кај Николај Златков, при што во крвта на Калушев бил пронајден фенобарбитал – седатив. Кај Калушев биле констатирани две прострелни рани, од кои втората била смртоносна.

Членови на култот имале контакти со политичари

Властите потврдија дека објективните докази укажуваат оти членови на групата имале контакти со политичари и јавни функционери, што во моментов е предмет на дополнителни проверки. Обвинителството нагласи дека иако овие контакти се анализираат, засега нема индикации за институционално прикривање или „заштитен статус“.

Од МВР соопштија дека муницијата пронајдена на локацијата кај Петрoхан спонтано се активирала за време на пожарот.

Истражителите додадоа дека активностите на групата се развивале со години, и во Бугарија и во странство, и дека по потреба ќе се побара помош и од меѓународни партнерски служби.

Се нарачуваат дополнителни експертски мислења, вклучително и консултации со водечки специјалисти по психологија.

Николова изјави дека обвинителството работи брзо, но прецизно, со цел да се состави целосна слика за, како што го опиша, исклучително сложен и вознемирувачки случај.

— Некои од фактите што ги откриваме се длабоко вознемирувачки и се косат со основните вредности — истакна таа, додавајќи дека ништо нема да биде прикриено и дека ќе се следи секоја релевантна трага за да се утврдат објективната вистина и мотивите зад смртните случаи.

Во меѓувреме, продолжија и политичките реакции. Претставници на партијата „Продолжуваме со промените“ ја критикуваа претходната контрола од страна на државните институции, вклучително и АНС (ДАНС), Обвинителството и МВР.

Тие се прашуваат како групата со години можела да функционира, посочувајќи на прашањата околу дозволите за оружје и работењето на училиштето „Космос“ поврзано со планинарскиот дом.

Надлежните одговорија дека сите овие аспекти и натаму се дел од тековната истрага.

Мажите најдени мртви во Бугарија гладувале со денови: дали станува збор за култ што ги извитоперил будистичките верувања?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот