Ивајло Калушев / Фото: Труд.бг

Мажите најдени мртви во Бугарија гладувале со денови: дали станува збор за култ што ги извитоперил будистичките верувања?

Психијатарот Љубомир Канов изнесе сценарио со две убиства проследени со четири самоубиства, како затворен синџир на настани. Според оваа хипотеза, тројцата мажи во домот си ги одзеле животите, по што Ивајло Иванов ги убил другите двајца во камп-возилото, па се самоубил.

Тројцата мажи, кои беа пронајдени мртви во домот на Петрoхан, не јаделе неколку дена пред смртта, консумирајќи само вода или чај, објави „Новините“.

Ова го покажуваат резултатите од обдукцијата на Ивајло Иванов, Пламен Статев и на Дечо Василев, според кои нивните желудници биле целосно празни. Според адвокатот Људмил Рангелов, наодите укажуваат на намерен период на постење, најверојатно поврзан со обид за „самопрочистување“.

Рангелов рече дека се повикува на доверлив извор близок до истрагата, но во оваа фаза не можел да открие повеќе детали. Тој додаде дека досега истражителите не пронашле докази што укажуваат на вмешаност на други луѓе.

На 1 февруари околу 13:50 часот, две теренски возила во сопственост на здружението што го користи домот на Петрoхан пристигнале на локацијата. Возилата подоцна биле идентификувани при проверки, соопшти Министерството за внатрешни работи, повикувајќи се на претходни изјави на Милена Малинова, пријателка на Ивајло Иванов.

Таа на 9 февруари изјави дека забележала две теренски возила кои минале многу брзо, а веднаш потоа и уште две, но признала дека во тој момент не обрнала доволно внимание.

Од МВР навеле дека по истиот пат можеле да поминат и други возила, бидејќи води и до друга локација, но не било потврдено дека некое од нив свртело кон домот.

Бугарин кој исчезнал пред 10 години е пронајден на планината Пирин, велат дека се криел од лихвари

„Можно е да биле во култ и да се самоубиле“

Коментирајќи ги и случајот Петрoхан и инцидентот кај врвот Околчица, социологот Парван Симеонов изјави дека властите понудиле она што изгледа како објективна верзија на настаните и дека општеството треба да им верува на официјалните податоци. Според него, сите достапни индикации упатуваат на култ, езотерична група чиишто активности кулминирале со некаков облик на доброволна смрт.

Сепак, Симеонов нагласи дека не постои конечен начин да се утврди дали смртта на помладите жртви била целосно доброволна, што, како што рече, е длабоко вознемирувачко за јавноста.

Тој оцени дека постепеното објавување информации од страна на институциите било неизбежно и предупреди на обидите на политички поврзани актери да ги поврзат настаните со опозицијата, оценувајќи го тоа како лоша политичка проценка. Според Симеонов, развојот на настаните наликува на фиктивна приказна што постојано се надградува, додавајќи дека ширењето теории на заговор, дури и меѓу образовани луѓе, е загрижувачко и ја подрива основната рационалност. Тој ја критикуваше и масовната „протеченост“ на лични податоци за жртвите, оценувајќи ја како форма на експлоатација што требало да биде спречена.

Според него, властите веројатно нема целосно да ја убедат јавноста во своите заклучоци, бидејќи случаи со шест смртни исходи речиси секогаш поттикнуваат потрага по виновник. Иако призна дека не може целосно да се исклучат алтернативни објаснувања, тој смета дека официјалната верзија засега изгледа најверодостојна.

Во врска со верувањата на жртвите, Симеонов рече дека тие не биле вкоренети во конкретна религија, туку претставувале патолошка мешавина со нарцисоидни елементи.

Политикологот Стојчо Стојчев, исто така, оцени дека судир на толкувања бил очекуван, со оглед на општата недоверба во институциите. Тој забележа дека кога обвинителството комуницира пред полицијата, тоа укажува на посебен третман на случајот, што може да има различни објаснувања. Стојчев посочи дека многумина живеат изолирано, поради што нивните активности се слабо познати, и оцени дека општеството реагира хистерично на вакви случаи – реакција што, според него, е симптом на пошироки социјални тензии и недоверба.

Тој ја отфрли тезата дека групата може да се опише како паравоена организација.

Хорор во Бугарија – шестмина мртви во викендички, можно е да биле членови на секта

„Ова не укажува на психоза и на лудило“

Психијатарот д-р Љубомир Канов изјави дека однесувањето на луѓето поврзани со случаите во Петрoхан и кај Околчица не укажува на психоза или на лудило.

Во гостување на емисија, тој рече дека видеоснимките прикажуваат луѓе кои се однесуваат релативно нормално и дека ниеден од нив немал позната историја на ментална болест. Според него, случајот не одговара на класичен психијатриски модел, туку станува збор за специфични психолошки состојби што можат да се развијат во рамки на групна динамика.

Врз основа на досега достапните официјални информации, Канов изнесе сценарио со две убиства проследени со четири самоубиства, како затворен синџир на настани. Според оваа хипотеза, тројцата мажи во домот си ги одзеле животите, по што Ивајло Иванов ги убил другите двајца во камп-возилото, па се самоубил.

Канов ја оцени оваа верзија како внатрешно конзистентна и целосна, но призна дека остануваат сомнежи поради можноста за недообјавени факти, исчезнати снимки или други непознати надворешни влијанија. Тој ја спореди ситуацијата со внимателно конструирано групно убиство и самоубиство како во криминалистички роман, но со многу неодговорени прашања.

Тој се осврна и на реакциите на роднините на жртвите, објаснувајќи дека луѓето честопати ги толкуваат настаните низ призма на емоциите и дека е исклучително ретко родител да прифати дека неговото дете извршило убиство.

Во исто време, Канов рече дека загриженоста на роднините не треба да се отфрли бидејќи некои аспекти од случајот навистина изгледаат сомнително. Тој ги критикуваше и властите за бавната реакција и за одредени пропусти во раните фази од истрагата.

Според Канов, за општеството најприфатливо објаснување би било дека еден човек, отстапувајќи од будистичките идеи, со лична харизма ги вовлекол другите и создал култ во кој животот бил претставен како илузија што треба да се „надмине“ со смрт.

Тој предупреди дека доколку се појават докази за надворешна вмешаност, јавниот гнев и огорченост веројатно значително ќе се засилат.

15 сведоци се испрашани за ужасот во Бугарија: „Момчето било клекнато, со испреплетени прсти на рацете“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот