Митревски: Да се држиме до планот против Унгарија, да играме агресивно во одбраната
Андреј Митревски полека, но сигурно си го наоѓа своето место во овој подмладен состав на македонската сениорска кошаркарска репрезентација. Младиот бек го остава во заборав оној прв меч од претквалификациите, против Романија. Дава кратка анализа на тие 40 минути во Куманово.
Препорачано
– Со Романија загубивме во еден тесен меч, каде што, можам да кажам, во поголем дел ја имавме контролата. Но одлучија последните две-три минути – вели Митревски.
В сабота од 18.00 часот во Солнок во „Тисалигети“ Арената нашите најдобри кошаркари ќе го играат вториот меч од мундијалските претквалификации:
– Против Унгарија, треба да се држиме до планот, да играме агресивно во одбраната. И најбитно, да заградуваме под кошевите, бидејќи тоа беше најголемиот минус, зошто го загубивме натпреварот против Романија.
Секако дека очекувам победа, бидејќи верувам дека можеме повеќе да дадеме. И мислам дека од тренинг во тренинг растеме како екипа бидејќи сме нова, млада екипа, така што очекувам се подобри и подобри резултати понатаму – вели Митревски.


