Мишел Обама за гласачите на Трамп: „Нивниот чин кажува дека не знаат што друго да направат“
Мишел Обама се најде на удар на критики поради коментарите за луѓето што гласале за Доналд Трамп, тврдејќи дека тоа го направиле само затоа што „не знаеле што друго да направат“. Поранешната прва дама, во неодамнешно гостување во поткаст, изјави дека била „разочарана“ кога Доналд Трамп победил на изборите во 2016 и 2024 година, пишува „Јунилад“.
Препорачано
Поранешната прва дама, која осум години помина во Белата куќа за време на мандатот на нејзиниот сопруг Барак Обама, беше прашана од водителот Сем Фрагосо во поткастот „Толк изи“ како се чувствува во врска со Америка сега кога Трамп повторно е на власт.
„Бев длабоко, длабоко разочарана“, рече таа за неговите две изборни победи.
„Но, мојот сопруг одлично ги става работите во контекст и сè појаснува“, додаде таа.
Мишел Обама објасни дека исходот од изборите е подеднакво поврзан со „болката и збунетоста на луѓето поради тоа каде се наоѓаат во својот живот“. Мајката на две деца рече и дека САД „не ја завршиле работата за остварување на оваа демократија“, забележувајќи дека, иако за некои можеби функционира, за други често не функционира.
Таа се осврна и на јазот во богатството, кој во САД се зголемува секоја година и поради кој луѓето „пропаѓаат низ пукнатините“.
„Кога немате можност, а правите сè што треба, тоа ве лути и ве прави подложни да барате виновник, наместо луѓето кои со право се дел од проблемот“, продолжи Мишел.
„Вистината е дека тој гнев е реален. Не можам на некои луѓе да им погледнам во лице и да им кажам дека немаат право да бидат лути или да направат нешто што можеби е против нивниот сопствен интерес. Тоа е човечка природа. Многу од тие луѓе двапати гласаа за мојот сопруг“, додаде таа.
Токму поради тоа, смета таа, гласачите на Трамп не треба едноставно да се етикетираат како расисти.
„Не можете само да ги ставите во фиока и да кажете дека едноставно не им е грижа, дека се расисти или што и да мислите. Нивниот чин порачува: ‘Не знам што друго би направил’“, изјави таа.
Критичарите: Таа е одвоена од реалноста
„Само би сакала да имаме повеќе лидери што би размислувале како да направат повеќе за средната класа, за работните луѓе, бидејќи тоа се луѓето што се гушат во оваа економија. Јас повеќе не сум во таа ситуација, но ги познавам тие луѓе, и тие се добри луѓе, но немаат излез, а тоа доведува до лоши избори“, рече Мишел Обама.
Многумина поради овие изјави ја нарекоа „одвоена од реалноста“, поради нејзината сугестија дека приврзаниците на движењето „Мага“ го довеле Трамп на власт само затоа што не знаеле што друго да направат. За тоа се расправаше во емисијата „Кени репорт“ на „Скај њуз Австралија“.
„Ги анализираат како антрополози, наместо едноставно да ги слушаат“
„Либералите и понатаму суштински не ги разбираат гласачите на Трамп. Кога таа вели дека луѓето гласале за Трамп бидејќи не знаеле што друго, тоа звучи неверојатно омаловажувачки“, рече телевизиската соработничка Кристин Тејт.
„Затоа демократите се мачат со гласачите од работничката класа: ги анализираат како антрополози, наместо едноставно да ги слушаат“, додаде таа.
Таа порача дека луѓе како Мишел Обама всушност треба да ги прашаат гласачите на Трамп зошто го сакале за претседател, додавајќи дека повеќето либерали ниту познаваат гласачи на Трамп за да можат тоа да ги прашаат.
„Јунилад“ ги контактирал Обама за коментар.
ВИДЕО | Го прашаа Обама дали има вонземјани: „Да“, одговори тој и предизвика лавина реакции
Мишел Обама откри дека одеднаш направила 10 нови пирсинзи на ушите


