Александар Николоски и Христијан Мицкоски / Фото: Фејсбук

Мицкоски и министрите им се толку посветени на реформите за ЕУ, што и во недела се собрале да ги дискутираат

Во Владата денеска се одржал состанок посветен на реформската агенда за членство на Македонија во Европската унија, во кој учествувале премиерот Христијан Мицкоски и повеќе министри, соопшти Владата.

-Денеска одржавме состанок посветен на реформската агенда, на кој се разговараше за тековните приоритети, предизвици и следните чекори за унапредување на реформските процеси, стои во објавата-фалба на премиерот на социјалната мрежа.

Мицкоски, во реченица од која не би се срамеле и најголемите мајстори на бирократскиот говор, наведе дека „биле разменети мислења и предлози со цел поефикасна имплементација и подобра координација меѓу сите вклучени страни“.

Премиерот претходно денеска изјави дека целта (на власта) е „прво да ја завршиме домашната задача поврзана со Реформската агенда, а потоа останува на Унијата дали ќе продолжи да го билатерализира нашиот процес на пристапување“.

„Македонскиот евроинтегративен пат е неминовно поврзан со волјата на 27 земји-членки, една од нив е и од Бугарија. Знаете дека со нив имаме проблем, но ние имаме цел да си ја завршиме домашната задача, да се подготвиме, сите оние отворени прашања поврзани со Реформската агенда да ги завршиме, сите оние реформи што сме ги предвиделе да ги затвориме“, ја реафирмира Мицкоски често повторуваната тезата според која единствените виновници за тоа што Македонија е заглавена на патот кон ЕУ се самата ЕУ и Бугарија.

Тој додаде дека „откако сето тоа ќе го направиме, тогаш ќе оставиме на 27 земји-членки да одлучат дали ќе го билатерализираат овој процес или ќе биде базиран на критериуми коишто ги имале сите земји коишто му пристапиле на овој сојуз, односно на ЕУ.“

Мицкоски денешните проевропски активности ги спроведе пред утрешното заминување на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, каде ќе престојува до 23 јануари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот