Миа Гаврилоска, дефектолог: Рехабилитацијата кај децата со попреченост бара љубов, знаење и тимска работа
За секое дете, патот е различен. Потребен е мултидисциплинарен пристап, кој ги вклучува дефектологот, логопедот, психологот, физиотерапевтот, педијатарот и – најважно – родителот.
Рехабилитацијата на дете со попреченост не е само збир од терапевтски сесии. Тоа е процес на поддршка, прифаќање и градење пат кон подобар живот. Целта не е да се „поправи“ детето, туку да се откријат неговите потенцијали, да се поттикнат и да му се овозможи активно учество во општеството, вели Миа Гаврилоска, дефектолог.
Препорачано
За секое дете, патот е различен. Потребен е мултидисциплинарен пристап, кој ги вклучува дефектологот, логопедот, психологот, физиотерапевтот, педијатарот и – најважно – родителот.
Овој пристап овозможува работа на повеќе нивоа:
- Развој на моторика, координација и мускулна сила
- Стекнување самостојност во секојдневните активности
- Поттикнување на когнитивен и јазичен развој
- Подобрување на комуникацијата и социјалната интеракција
- Психолошка поддршка и емоционална стабилност
Типичен и атипичен развој – родителите се првите сензори
Развојот кај децата има свој тек. Првите зборови, првите чекори, првиот поглед во очи – сето тоа се сигнали дека детето расте и се развива типично.
Атипичен развој значи отстапување или доцнење во една или повеќе развојни области:
- кога детето не реагира на име по 12 месеци
- одбегнување контакт со очи
- отпор кон промени
- доцнење на говор и по 24 месеци
- повторување на исти движења
- асоцијалност
Сето наведено е повик за внимание и рана интервенција.
До петтата година, мозокот на децата има највисоко ниво на флексибилност – способност за менување, адаптација, учење и обновување. Колку порано започне стручната поддршка, толку е успехот поголем.
Родителот – најважниот сојузник
Никој не го познава детето подобро од родителот. Тој е присутен во секојдневието, сведок на мали победи и тивки борби на своето чедо. Во процесот на рехабилитација, родителот не е пасивен набљудувач, туку активен учесник, прв терапевт и најсилна поддршка.
Кога родителот, дефектологот, логопедот и психологот не се гледаат како одделни страни, туку како тим, тогаш се создава вистинска можност за промена – не само кај детето, туку и во семејството.
Во свет каде што сè повеќе се разбира дека развојот кај децата не е линеарен, мораме да го прифатиме секое дете како универзум за себе.
Децата со попречености се различни, но еднакво способни, љубопитни, полни со потенцијал и носат неверојатна љубов.
Им треба нашата рака. Нашата љубов. Нашето време.
Во срцето на секоја вистинска рехабилитација не стои протокол, туку човечноста.
Љубовта што лекува. Разбирањето што гради. И соработката што менува животи.


