Мекгрегор се враќа во УФЦ по тригодишна пауза, познат и неговиот противник
MMA борецот Конор Мекгрегор по тригодишна пауза се враќа во рингот, оваа информација ја потврди неговиот следен противник Мајкл Чендлер.
Препорачано
Во разговор за „ТМЗ Спортс“ Чендлер зборуваше за плановите во наредниот период и истакна дека борбата против контроверзниот Ирец ќе се случи во текот на летото. Засега точниот датум се уште не е познат.
„Добив официјална потврда. Борбата ќе се случи во текот на летото. Не би можел да ви кажам кој датум, но ќе се одржи сигурно. Очигледно ова било планирано подолг период. Конор беше отсустен и остваруваше некои други свои амбиции, меѓутоа сега и двајцата сме спремни. Официјалниот статус е дека имаме договор“, изјави Чендлер.
Исто така тој додаде дека Конор почнал со тренинзи и дека нивната борба сигурно ќе биде интересна за фановите на овој спорт.
„Ќе се бориме ова лето. Ќе оставиме да се шпекулира за точниот датум, но дефинитивно ќе биде ова лето. Тој почнува со тренинзи, јас почнувам со тренинзи, ќе биде забавно“, порача Чендлер.
Враќањето на Конор неодамна го најави и првиот човек на УФЦ, Дајна Вајт истакнувајќи дека конечно со Ирецот може да се разговара за нова борба. Последната борба Конор ја имаше во 2021 година против Дастин Порие и беше поразен со технички нокаут.


