Меѓународна награда за најдобар актер во краток филм во рацете на Сашко Коцев

facebook
Сашко Коцев / Фото: Фејсбук

Актерот Сашко Коцев за главната улога во краткиот филм „Налепница“ доби награда за најдобар актер на филмскиот фестивал „Сошл ворлд филм фестивал“, кој се одржува во Берлин, Германија. Тој за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ вели дека наградата за него била изненадување.

Филмот „Налепница“ во режија на Георги Унковски досега учествуваше на повеќе од 170 филмски фестивали, на кои веќе освои неколку меѓународни награди. Меѓу нив е и наградата  од „Ин д палас“, софискиот меѓународен филмски фестивал за краток филм, кој е еден од официјалните светски фестивали што ги квалификуваат победниците за натамошна можност за номинација за Оскар.

– Филмот го работевме без какви било очекувања за награди, така што изненадувањето е огромно кај сите што сме дел од него. Режисерот Георги Унковски неколкупати се пошегува со мене дека не ми ги ни кажува сите награди што ги имаме освоено – вели Коцев и додава дека мајсторијата на краткиот филм, кој во 17 минути треба да прераскаже приказна и таа да има убаво заокружување, е еднаква заслуга на сите. Односно, таа зависи од визијата на режисерот, актерската игра, сценариото е темел на филмот и на крај монтажата е таа што го заокружува целиот процес.

– Кога го добив сценариото, ми беше кажано дека филмот е замислен како комедија. Но, додека го читав сценариото, јас не го доживеав како таков. Кога отидов на кастинг и кога се расплакав, продуцентот се чудеше што се случува. Подоцна се договоривме дека ќе играме на тенка линија меѓу комедија и драма – зборува Сашко и додава дека токму така го доживува и публиката.
Актерот открива дека „Налепница“ е инспириран од вистинска случка, која му се случила на режисерот Унковски.

Сашко Коцев на една од своите театарски претстави Фото: Фејсбук

Имено, Георги отишол да го регистрира автомобилот, но на крај не добил налепница, која е доказ дека е извршен редовен технички преглед. По инсистирање дека мора да ја има налепницата, бидејќи може да биде казнет од полиција, од луѓето што работат таму добил уверување дека тоа нема да се случи, затоа што се запознаени со ситуацијата со недостиг на налепници. Но по излегување оттаму, тој бил сопрен и казнет од полицијата. Со оваа случка почнува приказната во филмот.

На крај Коцев потенцира дека поради пандемијата со ковид-19 многу проекти се откажани, а најмногу му недостига театарот и аплаузот од публиката.

– Требаше да играм во хрватски филм, но откако се случи пандемијата се откажав. Иако на почеток целата ситуација со карантин убаво ми дојде поради паузата што ми овозможи да се одморам од обврските, сега веќе ми недостига театарот и аплаузот од публиката од кој сум зависен. Посакувам што побрзо да се среди, бидејќи се обидовме да одржиме неколку претстави со помалку актери и според сите протоколи, но публиката како да нема доверба и слабо е заинтересирана. За разлика од порано, кога еден месец однапред ни беа распродадени претставите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот