Марјан Начевски ја доби правната битка со РФМ на Арбитражниот суд на ЕХФ

Марјан Начевски може да се врати во структурите на РФМ/Фото: facebook.com/marjan.nachevski

Лани Ракометната федерација на Македонија му изрече дисциплинска санкција на Марјан Начевски (делегат/контролор на РФМ), исклучување од федерацијата врз основ на доставена пријава од член на УО на РФМ.

Начевски ја доби правната битка пред Арбитражниот суд на Европската ракометна федерација кој процени дека нема доволно докази за да биде осуден, одлуката на Првостепената дисциплинска комисија на РФМ се прогласува за ништовна, и одлуката на Комисијата за жалби при РФМ се прогласува за ништовна.

Тоа значи дека Начевски може да се врати во структурите на РФМ, да продолжи да биде делегат на натпреварите меѓународни под капата на ЕХФ и ИХФ.

– Почитувани спортски пријатели,

Верувам дека поголемиот дел од вас се добро запознаени со минатогодишната одлуката на Првостепената дисциплинска комисија на РФМ да бидам доживотно суспендиран од ракометот во Македонија, повикувајќи се на член 21 од Дисциплинскиот правилник (“исклучување од РФМ може да се изрече само за најтешки престапи и ако настанале особено тешки последици па така останувањето на сторителот во РФМ штети на угледот на ракометната федерацијата и ракометниот спорт.”).

Поднесов жалба против Одлуката на Првостепената дисциплинска комисија до второстепената, односно Комисијата за жалби при РФМ, меѓутоа истата ми беше одбиена како НЕОСНОВАНА, а одлуката на Првостепената дисциплинска комисија потврдена.

Се двоумев неколку месеци околу понатамошните чекори, меѓутоа по иницијатива на семејството, луѓето од моето окружување и долгогодишните пријатели од европската па и светска ракометна сцена, во септември 2021 година, одлучив сепак правдата за целиот овој случај да ја побарам на Арбитражниот суд при ЕХФ (Европска Ракометна Федерација) во Виена. Оние кои ме познаваат, знаат колкав вљубеник сум во ракометот и колку се имам вложено себеси за афирмирање на македонскиот ракомет во светот, па дефинитивно не заслужив да го напуштам на овој начин.

Помина безмалку една година, многу притисоци, нетрпение… но сепак пресудата пристигна – вистината победи.

На 22.04.2022 година, Арбитражниот суд при ЕХФ во Виена едногласно ја донесе следнава пресуда:

• одлуката со бр. 09-213/1 на Првостепената дисциплинска комисија на РФМ од 07.05.2021 година се прогласува за ништовна;
• одлуката со бр. 10-227/1 на Комисијата за жалби при РФМ од 21.05.2021 година се прогласува за ништовна.

Правдата можеби некогаш е бавна, но секогаш стигнува –

Спортски поздрав,
Марјан Начевски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот