РФМ: Начевски за зборовите „ќе те колам“ доби дисциплинска санкција!

Марјан Начевски може да се врати во структурите на РФМ/Фото: facebook.com/marjan.nachevski

Врз основа на Дисциплинскиот правилник на Ракометната федерација на Македонија, како и Статутот на РФМ, Првостепената дисциплинска комисија на РФМ на ден 7 мај 2021 донесе две одлуки.

На Агрон Хајредин, овластено лице на РК Работнички му е изречена дисциплинска санкција: исклучување од Ракометната Федерација на Македонија врз основ на дисциплински престап пријавен од страна на комесарот за натпревари при РФМ, Славе Николов.

Како причина за поднесената пријава наведено е некореспондирање на содржината на барањата од ракометните клубови за промена на системот на натпревари презентирани на Изборното собрание на РФМ одржано на 31 јануари 2021 г., во однос на фактичките дописи од клубовите испратени по истиот основ.

На Марјан Начевски, делегат/контролор во РФМ изречена му е дисциплинска санкција: исклучување од Ракометната федерација на Македонија врз основ на доставена пријава од член на УО на РФМ и поранешна репрезентативка Мирјета Бајрамоска. Како причина за поднесената пријава наведени се вербални навреди упатени кон подносителот на пријавата, од страна на пријавениот, изнесени на агресивен начин и со висок тон, вклучително погрдни и недолични навреди кон федерацијата, националните селекции, играчите, и други личности прозвани во отсуство, за време на меѓународен репрезентативен настап, на кој пријавениот присуствувал без соодветна акредитација.

При давањето исказ пред Дисциплинската комисија на РФМ, пријавениот продолжил со истата недолична реторика обраќајќи се кон претседателот на комисијата агресивно, со висок тон, навредувачки и недолично употребувајќи вокабулар од типот: „ќе те колам“.

Македонската куќа на ракометот има својство на правно лице од јавен интерес, со права, обврски и одговорности утврдени со Уставот, важечките закони во земјата, Статутот на РФМ како и со Статутот и актите на ЕХФ и ИХФ. Согласно статутарните и програмски определби на РФМ, Дисциплинската комисија во рамки на своите ингеренции ги донесе претходно спомнатите одлуки согласно важечки правилници и Статут на РФМ, како независно тело кое согласно Статутот на РФМ е надлежно за овие престапи.

Македонската ракометна федерација е легитимно призната од високите ракометни авторитети, ЕХФ и ИХФ, а целта на оваа раководна гарнитура е примена на највисоките стандарди во работењето со квалитетен, компетентен и високо професионален кадар. Ова раководство на РФМ од 2013 година, исклучиво работи врз основа на важечките акти на РФМ, ЕХФ и ИХФ, а почитувањето на сите позитивни правни прописи е основен императив во целокупното функционирање. Угледот на Ракометната Федерација на Македонија како во државата така и во странство, во сите меѓународни ракометни институции и чинители во ракометниот спорт воопшто, е обврска на сите членови на Ракометната Федерација на Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот