Мадагаскар, земјата која се бори со глад: Четири години без дожд, деца се хранат со бубачки, водата ја пијат од бари

Гладните деца на Мадагаскар/ Фото EPA/KIM LUDBROOK

Мадагаскар е на праг да стане првата земја во светот што доживеала глад како резултат на климатските промени, поради најголемата суша во последните четири децении што го погоди јужниот дел на овој африкански остров, пренесува Економист.

Стотици илјади луѓе со години страдаат од глад и жед. Најновиот извештај од Светската програма за храна на ОН (ВФП) тврди дека земјата долж источноафриканскиот брег ќе доживее уште повисоко ниво на глад и дека наскоро ќе бидат потребни итни мерки за решавање на тековната хуманитарна криза. Според Агенцијата за храна на ОН, бројот на луѓе кои страдаат од глад е зголемен за околу 85 проценти во споредба со минатата година, поради акумулативните ефекти од долгогодишната суша.

Проценките на ВФП велат дека околу 30 илјади луѓе се на највисоко меѓународно признато ниво на несигурност со храна, а бројот може да се зголеми во моменти кога Мадагаскар ќе влезе во традиционалната „посна сезона“ пред жетвата.

„Нема да ја смениме оваа криза, ако не им доставиме храна на луѓето од јужниот дел на Мадагаскар, семејствата ќе гладуваат и ќе се загубат животи“ изјави Амер Дауди, виш директор за операции на ВФП.

Топлотните бранови предизвикани од климатските промени оваа година го влошија веќе сушниот период кон средината на 2021-та година. Покрај сушните периоди, јужниот дел на Мадагаскар има високо ниво на ерозија на почвата и уништување на шумите што ги претворија обработливите површини во пустош. Бројни песочни бури ги зафатија полињата и тие станаа неупотребливи.

Изолираните земјоделски заедници на југот на островот главно се потпираат на жетвата на храна и приходи. Поради недостаток на дожд оваа година, тие ќе произведат помалку од половина од вообичаената жетва што обично ја јадат или продаваат на пазарот.

Тамарија, мајка на четири деца, опиша како изгледа нејзиното секојдневие.

„Родителите и децата пешачат со километри секој ден за да добијат капка вода, за потоа таа да ја продадат за да добијат чинија ориз или зеленчук. Еден оброк дневно не е доволен за возрасно лице, а камоли за растечко дете. Ние сведочиме како луѓето земаат вода од езерца на патот и ровови и ја користат за готвење и пиење“ вели мајката.

„Ги чистам бубачките најдобро што можам, но водата може за брзо да исчезне. Јас и моите деца јадеме бубачки секојдневно во изминативе осум месеци, бидејќи нема ништо друго, а дождот не падна, па затоа посевите пропаднаа – вели таа.

„Денес немаме ништо за ручек освен лисја од кактус“ вели Боле, мајка на три деца.

Оваа заборавена криза претставува сериозен проблем. Нема доволно финансиска помош, а најпогодени од гладот се децата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот