Милорад Додик во Москва/Фото: EPA-EFE/MIKHAIL TERESHCHENKO/SPUTNIK/KREMLIN POOL

Луѓето на Трамп што лобирале Додик да се тргне од американската „црна листа“ ставаат во џеб многу пари од договори со Република Српска

Американски лобисти со лични интереси во Република Српска го претставувале Додик како жртва на политички прогон од администрациите на Обама и Бајден, додека поранешниот советник на Доналд Трамп, Пол Манафорт, ја советувал партијата на лидерот на босанските Срби околу изборните кампањи и внатрешната политика.

Санкциите на САД против лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, беа укинати по интензивно лобирање од повеќе блиски соработници на Доналд Трамп чиишто компании имале профитабилни договори со Владата на Република Српска, вредни од 100.000 до 300.000 долари месечно, објавија американските медиуми, пренесе „Нова“.

Одлуката на американската администрација на Доналд Трамп да ги укине санкциите за Милорад Додик и група негови соработници предизвика бурни реакции во Босна и Херцеговина и регионот. Според оценките на повеќето аналитичари и политичари, овој потег означува промена на американскиот пристап кон БиХ и претставува сигнал дека Вашингтон под Трамп испробува нова стратегија за Балканот.

Канцеларијата за контрола на странските активи (ОФАК) при Министерството за финансии на САД соопшти дека од „црната листа“ се отстранети Додик, членката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, повеќе од 20 поранешни и сегашни функционери на Република Српска, како и бројни фирми поврзани со нив. Тие компании претходно беа обвинети дека се дел од мрежа на корупција која му овозможува на Додик да ја одржува својата политичка моќ и да се збогатува лично.

ОФАК не понуди конкретно објаснување за причините за укинувањето на санкциите, кои досега подразбираа забрана за патување во САД и замрзнување на имот на американска територија. Подоцна Стејт департментот соопшти дека станува збор за „редовна годишна ревизија на санкциите“ и дека одлуката е поврзана со повлекувањето на Додик од функцијата претседател на Република Српска и поништувањето на спорните закони што претходно ги усвои ентитетскиот парламент.

Додик му се заблагодари на Трамп за укинувањето на санкциите, па удри со дрвја и камења по Обама и Бајден

„Конструктивните чекори што ги презеде Народното собрание на Република Српска можат да придонесат за стабилноста на Босна и Херцеговина и да отворат простор за партнерство со САД засновано на заеднички интереси, економски потенцијал и просперитет“, се наведува во соопштението на Стејт департментот.

Лобирањето на Трамповите сојузници и политичката позадина на одлуката

Според американските медиуми, укинувањето на санкциите е резултат на повеќемесечно лобирање во кое учествувале бројни сојузници на Трамп — меѓу нив Рудолф Џулијани, Мајкл Флин, Род Благојевиќ, Лора Лумер и лобистот Марк Зел. Нивните фирми имале профитабилни договори со Владата на Република Српска, вредни од 100.000 до 300.000 долари месечно.

Тие го прикажувале Додик како жртва на политички прогон и неправда што, како што тврделе, ја спроведувале претходните американски администрации под Обама и Бајден. Додик, заблагодарувајќи му се на Трамп на социјалните мрежи, напиша дека „правдата победила“ и дека сè што било зборувано за него било „пропаганда и лага“.

Сепак, дел од јавноста во БиХ оваа одлука ја гледа поинаку. Опозицијата во Република Српска оцени дека Додик „продал сè заради лична корист“, додека бошњачките партии истакнуваат дека ова е резултат на американски притисок со кој Додик политички ослабнал. Градоначалникот на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ, изјави дека „сметката за овие отстапки допрва ќе стигне“.

Од друга страна, министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Коњаковиќ, оцени дека Додик „паднал од тронот“ и дека неговиот политички пад е „голема добивка за Босна и Херцеговина“.

„Неговото повлекување од политичката сцена е поважно од тоа дали лично има санкции или не“, изјави Коњаковиќ.

Поранешен советник на Трамп го советувал Додик

Поранешниот советник на Трамп, Пол Манафорт — познат по работата со проруски политичари во Источна Европа — во последните месеци давал совети на партијата на Додик, СНСД, за изборните кампањи и внатрешната политика. Иако Манафорт негираше дека се обидувал да влијае врз американската политика, неговото ангажирање дополнително ги засилило сомнежите дека Република Српска се обидува, преку лични и политички врски во Вашингтон, да обезбеди поповолен третман.

Додик рече дека босанските Срби не сакаат да живеат со муслимани, го пофали Трамп, па побара помош од него

Во моментот кога санкциите беа укинати, Додик формално се повлече од функцијата претседател на Република Српска, но останува лидер на СНСД и близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин. Како свој наследник на изборите го најави Синиша Каран, поранешен министер за внатрешни работи на Република Српска, кој и самиот се наоѓа под санкции на САД поради работа на закони што имаа цел да го одделат ентитетот од БиХ.

Партијата на Додик денeска одлучува дали ќе учествува на предвремените претседателски избори во Република Српска

Поширока политичка слика и последици

Укинувањето на санкциите доаѓа во момент кога БиХ се обидува да ги исполни условите за отворање на преговорите со Европска Унија. Според некои аналитичари, американскиот притисок сега е насочен кон создавање постабилна рамка во која Република Српска ќе учествува во донесувањето на државниот буџет и реформските закони, но без сепаратистички потези.

Клучниот тест за новиот американски пристап ќе биде однесувањето на Додиковиот СНСД во наредните месеци, особено во однос на усвојувањето на законите важни за европските интеграции на БиХ и именувањето на главниот преговарач со ЕУ.

Како најверојатен кандидат се спомнува советничката на Додик, Ана Тришиќ Бабиќ, сегашна привремена претседателка на Република Српска, што предизвикува остри реакции во бошњачко-граѓанскиот политички блок.

Додик ја отвори темата што секогаш боли – формирање хрватски ентитет во Босна и Херцеговина

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот