Луѓето ги споредуваат симптомите на омикрон БА.5 со менингитис, а што велат стручњаците

Фото: Профимедиа

Подваријантата на омикрон БА.5, ова лето стана доминантна во САД и во Велика Британија, каде се проценува дека дури 70 отсто од заразените се позитивни токму на оваа мутација на коронавирусот.

Полесно е да се заразите со подваријантата БA.5 отколку со другите варијанти на ковид, делумно затоа што го избегнува одговорот на имунолошкиот систем во споредба со другите варијанти со кои се соочува светот досега. Тоа значи дека е полесно со оваа подваријанта да се заразите повеќепати, само неколку недели или месеци по првото прележување на болеста.

Д-р Клер Тејлор, општ лекар од Велика Британија, вели дека целото нејзино семејство со коронавирус се заразило дури двапати во период од само 12 недели. Тејлор се сомнева дека за втората зараза е одговорна токму подваријантата БA.5.

„Дури и јас бев изненадена кога повторно се заразивме толку брзо“, рекла таа и додала дека нејзиниот деветгодишен син по втората зараза се жалел на болка и вкочанетост во вратот, како и дека имал температура од 39 степени.

„Мојата прва помисла беше дека тоа е менингитис“, вели д-р Тејлор.

Но, иако е вистина – генерално – дека БА.5 сè повеќе и повеќе се разликува од оној омикрон којшто научивме да го препознаваме преку зимата, тоа сè уште не е целосно поинаков вирус и не е како менингитисот.

Многу симптоми на заразата со коронавирусот сè уште се слични на оние од почетокот на годината. Експертите за заразни болести и долг ковид велат дека симптомите што доаѓаат со БА.5 подваријантата на омикрон не се типично споредливи со менингитисот.

За разлика од ковид-19, менингитисот вклучува многу повисоки температури, чувствителност на светлина и вкочанетост на вратот.

Менингитис е отекување на мембраните околу мозокот и ‘рбетниот мозок, што го предизвикуваат сериозни бактериски или вирусни инфекции.

Д-р Џулијан Брнс, специјалист педијатар за заразни болести од Сан Франциско, вели дека симптомите на подваријантата БA.5 што досега ги видела кај пациентите се слични на оние што се појавувале кај другите подваријанти на омикрон. Ниту таа, а ниту нејзините колеги не забележале зголемување на бројот на пациенти заболени од ковид кои се пожалиле на вкочанетост во вратот.

„Болка во грлото, исцрпеност, течење на носот, кашлица и главоболки се најчестите симптоми на ковид што сум ги забележала кај пациентите во текот на летото. Можете да добиете мијалгија, односно болка во мускулите, но тоа не е толку поврзано со пределот на вратот, туку со целото тело“, рекла д-р Брнс за „Инсајдер“.

Ниту кај децата заболени од ковид таа не забележала симптоми на менингитис. Еден симптом се издвојува како карактеристичен за подваријантата БA.5 кај децата, а тоа се гастроинтестинални пречки, од кои тие страдаат повеќе отколку возрасните заразени со коронавирус.

„Пролив, повраќање, болка во стомакот, губење на апетитот – сето тоа може да бидат симптоми на ковид кај децата“, наведува д-р Брнс.

Исцрпеноста од менингитис е многу различна од когнитивните дисфункции предизвикани со ковид, објаснуваат лекарите.

„За мене, главниот симптом на менингитис е многу висока температура“, вели Патерсон за „Инсајдер“ и додава дека пациентите со менингитис почесто се целосно исцрпени и онеспособени, додека пациентите со ковид повеќе страдаат од когнитивни дисфункции.

Брнс додава дека децата заболени од менингитис „само сакаат да лежат во кревет и не можат да се движат“, како и дека се многу нервозни. Тие можат да бидат чувствителни на светлина, како и да имаат многу висока температура која тешко се спушта – 38 или повеќе степени неколку дена по ред.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот