ЛОИ Париз 2024: Од регионов само Македонија е без олимписка норма

EPA-EFE/IAN LANGSDON

Засега ниеден спортист од нашава земја не постигнал олимписка норма за учество на Игрите летово во Париз. Сите други земји од Балканот имаат барем по еден спортист или спортистка со резултат што ги квалификува за настап на ЛОИ 2024. Уште неколкумина спортисти од Македонија се надеваат дека ќе успеат да постигнат вакви норми

До почетокот на Летните олимписки игри Париз 2024 има малку повеќе од 100 дена, а досега ниеден спортист или спортистка од Македонија нема постигнато олимписка норма, односно однапред поставен резултат што гарантира сигурно учество.

Македонија е единствената земја од Балканот чии спортисти не успеале да постигнат ваков резултат.

Има уште неколку шанси некој од спортистите до земјава да постигне олимписка норма за Игрите 2024. Ако во тоа не се успее, наши претставници на ЛОИ 2024 ќе бидат само спортисти кои ќе обезбедат учество со таканаречена вајлд-карта, или на друг начин, главно за Македонија да има претставници на Игрите.

Последен обид за остварување на олимписка норма на наши спортисти беше учеството на репрезентацијата во борење на предолимпискиот турнир во Баку, Азербејџан, но ниеден од нашите четворица борачи (Вероника Рјаболовна, Владимир Егоров, Расул Шапиев и Магомедгаџи Нуров) не успеа да дојде до таков резултат.

Претстојниов викенд атлетичарот Дарио Ивановски ќе има настап на маратонот во Ротердам, Холандија, каде ќе се обиде да истрча резултат за олимписка норма. Уште еден обид им остана и на македонските борачи, на настапот на предолимпискиот турнир во Истанбул во мај и на боксерот Бобан Илиоски, исто така во мај, во Бангкок.

Што се однесува до регионов, сите земји од Балканот имаат барем по еден спортист или спортистка со олимписка норма. Србија и Романија имаат најмалку по 80 спортисти и спортистки кои избориле право да учествуваат на ЛОИ 2024, во поединечните и во екипните спортови. Хрватска има над 50 спортисти кои избориле право за учество на ЛОИ Париз 2024, а исто така и Грција и Турција. Словенија има над 40 спортисти со олимписка норма, Црна Гора 13, а Албанија двајца спортисти. Босна и Херцеговина и Косово ќе бидат најмалку со по еден спортист или спортистка со олимписка норма.

На минатите Игри во Токио 2021 година, Македонија имаше двајца спортисти со „А“ олимписки норми, теквондистот Дејан Георгиевски и борачот Магомедгаџи Нуров.

На самите Игри, Георгиевски освои сребрен медал во теквондо што беше оценето како најголем успех на нашиот спорт од осамостојувањето на Македонија. Георгиевски не успеа да оствари норма за Париз 2024 и нема да го брани среброто од Токио.

Олимпските игри во Париз ќе се одржат од 26 јули до 11 август, ќе се натпреваруваат 10.500 спортисти во 32 спорта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот